Ипеи Ватанабе е сопственик на новиот светски рекорд на 200 метри градно. Јапонскиот пливач, на митинг во Токио, забележа време од 2:06,67 минути што е за 34 стотинки подобро од досегашното во дисциплината на сонародникот Акихиро Јамагучи.
„Изненаден сум. Не очекував дека ќе пливам до нов светски рекорд. Сакам, сепак, да станам пливач кој може да продолжи да урива рекорди“, изјави 19 годишниот пливач од Оита.
Ватанабе беше пријавен и во дисциплината 100 метри градно на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, но не успеа да стигне до финале.
На двојно подолгата дисциплина, пак, го собори олимпискиот рекорд во полуфиналната трка. Во финалето заврши шести.