Плоштадот „Скендер-бег“ ќе биде завршен во 2014 и ќе се простира до МНТ, покривајќи го булеварот „Гоце Делчев“. Иако летово требаше да почнат градежните активности, тоа не се случи бидејќи градежна дозвола се уште не обезбедена пишува порталот Скопје.
Досега комплетно е завршена првата фаза, изградени се потпорните ѕидови и платото над дуќаните во Чаршијата.
„Иако најавивме, сепак, не почнавме со работа, бидејќи ги немаме потребните документи. Поднесовме барање навреме, но процедурата за добивање дозвола е многу долга. Очекуваме до крајот на годината да ја имаме потребната документација и наредната градежна сезона да почнеме со работа. Порано нема да можеме, оти условите на терен не се соодветни“, потврдиле од Општина Чаир, која е носител на проектот.
Оттаму е најавено дека со изградбата ќе продолжи веќе напролет. Тогаш е предвидено да почне втората фаза која ќе биде и покомплицирана. Таа предвидува продолжување на плоштадот до зградата на Македонската опера и балет, односно ќе се изведува премостување на булеварот, а просторот ќе биде еден вид пешачка зона. Предвидено е да се изгради и подземен паркинг на две нивоа на местото на постојниот и да се уреди плоштадот пред Тетовскиот државен универзитет.
Изведбата на градежните работи и воопшто целиот проект е финансиран од Општина Чаир и со пари од државниот буџет.




