Најмалку еден опозициски кандидат освои мандат во парламентот по вчерашните избори во Белорусија и е прв опозициски пратеник во последните 20 години.
Изборната комисија на Белорусија соопшти дека Ана Конопацкаја од Обединетата граѓанска партија освои едно од вкупно 110 места во парламентот.
Се очекува кандидатите лојални на претседателот Александар Лукашенко да ги освојат останатите места.
„Изборите се спроведоа во целата земја. Можеме да бидеме сигурни дека парламентот е избран на легален начин.“, изјави претседателката на Централната изборна комисија Лидиа Ермошина.
„Нема веродостојни показатели дека постојат неправилности кои би можеле да влијаат на изборниот резултат.“, додаде Ермошина и појасни дека излезноста била повеќе од 50 проценти од гласачите, што е потребен минимум за да бидат изборите легитимни.
Поранешната советска република повеќе од две децении е под цврстата рака на Александар Лукашенко.
Претставниците на опозицијата обвинија дека изборниот процес е неправеден и полн со пропусти.
Европската Унија минатата година ги укина санкциите против Лукашенко, поддржувајќи го на тој начин патот на земјата кон демократијата.
Организацијата за европска сигурност и соработка во Белорусија испрати 400 набљудувачи кои ги следеа изборите.