Денеска ќе продолжат со работа работните групи на четирите партии – потписнички на договорот од 2 јуни. ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА ќе почнат од изборниот процес, а на дневен ред се пречистувањето на избирачкиот список, предлогот за активната регистрација, гласањето на дијаспората и надлежностите на Државната изборна комисија (ДИК).
Ќе се отвори и едно од најжешките прашања во процесот за надминување на политичката криза – изборот на специјалниот јавен обвинител. Партиите ќе разговараат за самиот избор на личност која треба да ја превземе оваа функција, но и за надлежностите кои потенцијалниот специјален обвинител ќе ги има и во рамки на кои ќе може да постапува.
Според договорот од Пржино, специјалниот обвинител треба да биде избран на 15 септември и да работи на расчистување на сомнежите кои произлегоа од прислушуваните разговори.




