Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика нов потрес во светската  јавност, откако вчера британскиот магазин „Економист“ објави драматично интервју со него во кое тој изнесе апокалиптични тврдења дека за НАТО се наоѓа во „мозочна смрт“, а Европа е на работ на амбис.

Засега реакции дојдоа само од германската канцеларка Ангела Меркел која ги отфрли тврдењата на Макрон, иако призна дека има проблеми и од шефот на НАТО Столтенберг кој оцени дека соработката последните години е многу подобра.

Од Москва пак, стаса порака на поддршка на изјавата на Макрон, но од портпаролката на Министерството за надворешени работи Захарова.

Апокалиптична визија

Во интервјуто Макрон ги предупреди европските земји членки дека веќе не можат да се потпираат на САД , односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на Алијансата.

-Тоа низ што во моментов минуваме може да се опише како мозочна смрт на НАТО. Европа се наоѓа на работ на амбис, рече Макрон, додававајќи дека Европа мора да почне стратешки да размислува за самата себе како за геополитичка сила. Во спротивно, Европа веќе нема да ја конролира сопствената судбина, рече францускиот претседател.

– Европа има капацитет да се одбрани. Европските земји имаат цврсти војски, прва е Франција, додава Макрон.

Според него, Америка и Европа досега делеле заеднички интереси, како и дека тој неуморно се трудел да ги одржи добрите односи со американскиот претседател Доналд Трамп, но, смета дека сега САД за првпат имаат претседател кој „не ја дели нашата идеја за европски проект“ и дека, дури и Трамп да не победи на следните избори, историските текови го направиле своето и ги раздвоиле старите сојузници.

Тој објасни дека САД првенствено биле загрижени за своите интереси и дека првичната причина зошто НАТО е основана во Студената војна престана да постои.

– НАТО е дизајниран да има еден непријател, Варшавскиот пакт. Во 90-тите, почетниот непријател исчезна. Замисливо е дека Русија сè уште е непријател, истакнува Макрон.

Францускиот претседател посочи дека повеќе не постои стратешка соработка во одлуките помеѓу партнерите во САД и НАТО.

– Сведоци сме на агресија од членка на НАТО, Турција, во област каде што се во прашање нашите интереси, без никаква координација, вели францускиот претседател.

Макрон посочува дека тоа што се случува сега не можело да се замисли пред пет години.

– Исцрпувајќи се со Брегзит, Европа има толку многу проблеми да се движи напред и американски сојузник кој толку брзо ни врти грб на стратешките прашања, никој не би помислил дека е можно, заклучува Макрон во интервјуто за „Економист“.

Екстремни зборови

Германската канцеларка Ангела Меркел го отфрли мислењето на Макрон дека НАТО е во состојба на „мозочна смрт“, истакнувајчи дека такви коментари не се потребни.

На средбата со генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг вчера, Меркел истакна дека Макрон „користи екстремни зборови“, дополнувајќи дека тоа не е и нејзино мислење за соработката во НАТО.

– Не мислам дека вакви оценки се неопходни, па дури и ако имаме проблеми, треба да сме сплотени, потенцираше германската канцеларка.

Столтенберг пак рече дека Алијансата е силна, укажувајќи дека САД и Европа „соработуваат повеќе отколку во изминатите декади“.

За разлика одевропските сојузници, изјавата на Макрон за НАТО на Фејсбук ја оправда портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

– Колку е тоа точно. Изјавата ја одразува вистината. Тоа е јасна дефиниција на сегашната состојба на НАТО, оцени Захарова.

– Што точно Европа може да стори за контрола на својата судбина? Во 20. век имаше две војни, во 19. век и пред тоа – бесконечен број локални војни, како и активности на ширење идеи со помош на копја и мечеви, оцени портпаролката. Таа дополни дека процесите кои се случиле по потпишувањето на 14 точки од Вудро Вилсон, кои еволуирале за време на Втората светска војна и се развиле во економска и политичка интеграција на Европа, помогнале да се излезе на крај со главните задачи за запирање на бесконечните европски поделби. – Тие, исто така, доведоа и до криза на идентитетот и развојот, напиша Захарова.

Макрон за проширувањето: И други земји се криеја зад француското вето

Интервјуто на Макрон што беше објавено вчера е направено на 21 октомври, неколку дена по дводневниот самит на ЕУ во Брисел, на која токму поради неговото вето, ЕУ не одреди датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.

Во интервјуто за „Економист“ на оваа тема Макрон ги обвинува останатите држави-членки на ЕУ дека се задскривале зад француското вето за почетокот на преговори со Северна Македонија и Албанија на самитот во Брисел, и дека во суштина, согласност за зелено светло имало само за Скопје, а тоа според него, ќе било фатална грешка, пренесува Дојче веле.

Макрон вели дека ќе попушти за преговори со двете земји, но само доколку во следните месеци се направат реформи на преговарачката процедура, а Скопје и Тирана довршат уште некои реформи. Но нема да попушти за натамошно проширување на ЕУ.

-(…) Најголемиот дел (од земјите-членки) беа за отворање преговори со Северна Македонија, но речиси половината беа против преговори со Албанија. Тоа ќе беше фатална грешка, вели Макрон во интервјуто.

На прашањето, дали смета дека тие држави се задскривале зад Франција, францускиот претседател одговара:

-Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот.

Оттука, јас верувам дека, прво, мораме да ги реформираме процедурите за членство, тие повеќе не се адекватни. Тие не се стратешки. Не се ни политички, туку се премногу бирократски и не се реверзибилни, но во еден момент ќе мора да се постави прашањето за реверзибилноста. Второ, доколку сте загрижени за регионот, првото прашање не е Македонија или Албанија, туку Босна и Херцеговина. Временската бомба која отчукува на границата со Хрватска и која се соочува со џихадисти повратници е Босна и Херцеговина.
Трето, да се реформираат процедурите за пристапување пред да се отворат преговорите. Доколку направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие (земји, н.з.) направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен, вели Макрон за Економист.