ДОМ ја поднесе кривичната пријава против Југохром во Основното јавно обвинителство – Тетово, за истите кривични дела како и за Макстил: загадување на животната средина и природата (член 218) и загрозување на животната средина со отпадни материи(член230).
Пријавата се повикува на прекршување на Законот за животна средина, член 138 став (1) за непочитување на рокот 01.04.2014год. за еколошко прилагодување, како и на Уставот на РМ, член 43 став 2 кој што гласи „секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата”.
Кривичната пријава се поднесува за загрозување на здравјето на граѓаните на Тетово и уништување на животната средина, почнувајќи од 11.7.2005 година (кога почнува да важи законот за животна средина) до денес. Југохром не го испочитува Законот и не ги почна навремено набавките на еколошката опрема, па продолжи да загадува со несмалено темпо, не водејќи сметка за поплаките на граѓаните и укажувањата и казните на институциите.
Kако доказ ДОМ во Основното јавно обвинителство – Тетово ги приложи податоците од ПМ10 од мерната станица во Tетово за последниве месеци, годишен преглед за 2013 и повеќегодишен преглед од 2005 до 2013 година. Лесно се гледа огромното пречекорување на дозволената граница од 50 мг/м3.



