„После денешните изливи за наводна загриженост, и тоа на најголемиот „земјоделец“ Зоран Заев, сакаме само да ги потсетиме „загрижените” во СДСМ дека Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство се во постојана комуникација и договор со индивидуалните производители на тутун, Здруженијата на тутунопроизводителите и откупните претпријатија и ги превземаат сите неопходни мерки за нормално спроведување на откупот на тутун“, соопштува министерството за земјоделие.
>>Заев: Нека дојде Груевски да ги види проблемите на тутунарите
– Заев најверојатно не е во тек со аграрната политика на оваа Влада со која веќе 5 години наназад се исплаќаат по 60 денари за килограм произведен и предаден тутун.
– За просечната откупна цена на тутунот во прилепскиот регион должни сме да ги информираме „загрижените” во СДСМ дека заклучно со денешниот ден просечната откупна цена на тутунот во овој регион е 161,12 денари за килограм, а досега во овој регион се откупени 2,5 илјади тони тутун.
– На ниво на цела држава откупени се 6 илјади тони тутун, што е само околу 18% од овогодинашното производство.
– Владата на Република Македонија е единствената која спроведува силна финансиска поддршка за тутунопроизводството од сите држави во регионот, традиционални производители на ориентален ситнолистен тутун, соопштуваат од министерството за земјоделство.
Веднаш СДСМ повтори дека го повикува Груевски да не се крие зад манипулативни тврдења на министертсвото за земјоделство, туку да се појави пред тутунарите и да им објасни зошто ги излажа.
– Нека ги погледне в очи Груевски тутунарите и ним нека им каже кој и зошто не е во тек, и каде им се ветените 180 до 200 денари просечна цена на тутунот, велат во СДСМ.
Во прилепско-битолскиот регион, во Ивањевци, во Могила, во Обршани, во Кривогаштани, во Дебрешта, во Царилишта тутунот се проценува до две класи пониско. Третата класа се цени како четврта. За само 55 денари. Просечната откупна цена е најмногу до 135 денари.
Оваа власт на Груевски е единствената, но по невиденото понижување и непочитување на трудот на земјоделците и тешката работа на тутунарите, смета опозицијата.




