Нов Зеланд ќе забрани купување и поседување на сите видови полуавтоматско оружје и автоматски пушки по терористичките напади во двете џамии во Крајстчрч, кога беа убиени 50 луѓе, соопшти премиерката Џасинда Ардерн.
Ардерн најави дека измената на законот ќе стапи на сила на 11 април.
-Нашата историја се промени засекогаш. Сега ќе се променат и нашите закони. Денеска преземаме акција во име на сите Новозеланѓани за да ја зајакнеме регулативата околу контролата на оружје и да ја направиме нашата држава побезбедна, потенцираше таа на прес-конференцијата во Велингтон.
Околу 1,2 милиони парчиња оружје се во оптек во земјата, покажуваат податоците на полицијата на Нов Зеланд, односно – по едно на секој трет човек.
Воведена е и амнестија за сопствениците на вакво оружје, кои може да го предадат и ќе им биде откупено. Воведена е и амнестија за сопствениците на вакво оружје, кои може да го предадат и ќе им биде откупено. Ардерн рече дека процесот на откуп на оружјето ќе ја чини државата помеѓу 100 и 200 милиони долари.
Предлогот за реформи во законот за поседување оружје ќе биде претставен во Парламентот во првата недела од април. За да стапи во сила, пратениците треба да гласаат за измена на актуелниот Законот за оружје од1983 година.
Во меѓувреме, гувернерот на Нов Зеланд, генерал Петси Реди потпиша наредба за прекласификација на некои полуавтоматски оружја во „воени оружја“. Како резултат на тоа, многу луѓе кои законски поседувале огнено оружје повеќе нема да можат да ги поседуваат според новите услови за лиценца.
Одлуката за забрана на автоматското и полуавтоматското оружје наиде на големо одобрување меѓу новозеландската јавност. И без да чекаат да биде донесен законот, тие веќе почнаа да се откажуваат од оружјето. Оние кои нема да го предадат ваквото забрането оружје во определениот рок, ќе се соочат со парична казна од 4.000 новозеландски долари и три години казна затвор.




