Во својата беседа на божествената Литургија, на којашто началствуваше за време на прославата на 1700 години од Миланскиот Едикт, Неговата Сесветост Патријархот константинополски и вселенски г.г. Вартоломеј се осврна на повеќе, современи горешти теми за Едната, Света, Соборна и Апостолска Православна Црква.
Како што соопштуваат од ПОА, патријархот г.г. Вартоломеј го посочи и прогонот, којшто се спроведува врз Архиепископот охридски г. Јован и Православната Охридска Архиепископија, канонската Црква во Р. Македонија! Во своето обраќање, тој истакна:
„ …уште повеќе, во нашето православно црковно подрачје, искрснуваат и јакнат разни расколи, отпадништва, па и ереси; крадци и разбојници прекачувајќи се на друго место, не влегуваат низ вратата во овчото трло (види Јован. 10. 2-3). Јерарси биваат гонети, како на пример Блаженејшиот и возљубен брат Архиепископот охридски г. Јован; свештеници, монаштво и верници биваат гонети од причина што, почитувајќи го канонскиот поредок, ја признаваат својата духовна припадност кон канонските цркви и не се вбројуваат во антиканонските – од разни државни чинители потпомагани – привидни црковни облици, та како што вели светиот Јован Златоуст биваат гонети „само затоа што го носат името Христово!“
Секој трезвеномислечки човек ќе разбере дека овие зборови, ширум светот, гласно сведочат оти државниот апарат во Р. Македонија не е кадарен да го практикува Миланскиот Едикт, со тоа покажувајќи дека во нашата татковина времето е вратено пред Едиктот и на сите граѓани не им е возможно подеднакво да ги уживаат верските слободи, велат од ПОА.
И покрај сè, светиот Константин Велики нека претставува поттик и пример за секој политички водач!
Да не се заборави дека Миланскиот Едикт го потпишаа двајца императори, коишто во времето на потпишувањето не беа Христијани, но тие знаеја кој е интересот на државата: „секој нека си има слободна можност да богослужи како што сака. Овој пропис е донесен со цел да не се чини дека ние омаловажуваме било чие достоинство или религија“ (од текстот на Миланскиот Едикт)!
Колку и да се трудат да ја замајуваат и дезинформираат домашната јавност пласирајќи невистини за Архиепископот охридски г. Јован и за Православната Охридска Архиепископија, реалноста ги разобличува, та одредени наши политички чинители, расколници и журналисти, во Православието биваат препознати токму како оние коишто креваат рака на самиот Христос!, стои на крајот од соопштението на ПОА.




