Published: Friday, February 1, 2019 11:13
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра), соопшто ОЈО.
Надлежниот јавен обвинител до Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за четворицата осомничени.
Како што претходно објави Телма, утрово во полициска акција приведени се поранешните министри Ацо Спасеновски и Михаил Цветков, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев, а до тој момент полицијата го бараше и актуелниот пратеник Љупчо Димовски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потврди дека се обезбедени сите четири лица кои се опфатени со истрагата и додаде дека сите информации во врска со случајот ќе бидат обезбедени кога ќе заврши овој процес во заедничко соопштение со Јавното обвинителство.




