Црногорскиот дипломат Предраг Митровиќ е повлечен од функцијата вршител на должност во Србија по посебните безбедносни проверки наредени од премиерот Милојко Спајиќ за одреден број дипломати, објави денеска подгоричкиот весник „Побједа“.
Според весникот, Министерството за надворешни работи на Црна Гора во декември го повикало Митровиќ на консултации во Подгорица, а тој никогаш не се вратил во Белград бидејќи по посебни безбедносни проверки бил сменет од таа функција.
Освен Митровиќ, Владата на Црна Гора донесе одлука за повлекување од дипломатските позиции и на Владимир Радуловиќ, вршител на должност во Италија, како и на Гојко Челебиќ, вршител на работите во Аргентина.
Дипломатски извори за „Побједа“ посочуваат дека одлуката за повлекување на Митровиќ од Белград, освен од безбедносни причини, била мотивирана и од политички причини: „во владата на Спајиќ оцениле дека Митровиќ е продолжена рака на поранешниот премиер Дритан Абазовиќ“.