Веста за смртта на Александар Џамбазов на социјалните мрежи ја објави неговиот син Игор Џамбазов,  кој во објавата напиша дека татко му починал како што живеел последните 25 години, тивко и мирно. Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село СтапарВојводина.  Тој е македонски диригент и композитор. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар. Има реализирано безброј снимки и концерти во живо, Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на голем број  стручни награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Неговиот творечки опус е многу богат. Автор е на голем број детски песни. Иницијатор и долгогодишен диригент беше на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.