Четвртата жртва на сезоната на грип во Македонија е маж на возраст од 55 години, кој починал со компликации предизвикани од инфлуенцата, потврдуваат од Клиниката за инфективни болести.
Пациентот бил примен на клиниката и со заболување на црниот дроб. „И покрај спроведената антивирусна терапија, пациентот почина вчера“, вели д-р Билјана Петреска.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 110 лица, од кои седум се на интензивна нега. Пет пациенти се во потешка здравствена состојба и имаат симптоми на грип, а еден е приклучен на механичка вентилација.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, грипот се повеќе се шири. Од почетокот на сезоната регистрирани се вкупно 10.934 заболени лица, а само во последната недела се пријавени нови 3.156 пациенти.
Тоа е речиси 30% повеќе отколку во истиот период лани, кога имало 2.434 заболени. Најголем број заболени се регистрирани во Kавадарци, а според возраста, најголемиот број пациенти се во групата од 15 до 64 години.




