Градинарските култури, посебно пиперот, како и посевите со пченица, се најоштетени од вчерашното невреме што го зафати струмичкиот регион., покажува првичната проценка на терен што се изврши денеска во присуство на министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Поројниот дожд и град предизвикале и материјална штета на објекти и приватен имот. Зафатени биле повеќе населени места во општина Струмица и во општина Босилово.
„Првична проценка на штетите по вчерашното невреме во Муртино ќе се изврши денеска. Ќе се утврдува колкави површини, кои култури и кои региони се зафатени за да се делува соодветно, согласно предвидените постапки. Потоа, комисиите формирани во рамки на општините, ќе ги направат сите соодветни проценки за да се запази натамошната постапка, до владината комисија за обешетување која ги работи овие предмети“, изјави Николовски пред проценката.
Комисиите за проценка на штети од општините Струмица и Босилово од утре ќе почнат со проценка на штетите на терен, по што ќе следува постапка за обештетување.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) е во постојан контакт и со општина Могила, каде вчерашното невреме предизвика исто така штети врз земјоделските култури, особено врз тутунот.
Општината формираше Комисија која денеска почна со увид и проценка на штетите. Во општина Могила невремето предизвика најголеми штети во селата Вашарејца, Долно Српци, Бернаци и Ивањевци.
Голема штета претрпеа и посевите на отворено и пластениците во атарот на селото Сачево.

Од Центарот за управување со кризи во Струмица информираат дека Противпожарната единица на Струмица интервенирала со испумпување на вода од три подруми во градот. Интрвенирале и екипи на ЈКПД„Комуналец“ со соодветна механизација.
Струмица и околината вчера беа зафатени од големо невреме. За дваесетина минути наврнале 33,7 литри дожд на метар кавадратен.





