Во граѓанскиот суд во Скопје започна подготвително рочиште во кое шефицата на Јавното обвинителство за организиран криминал и на корупција, обвинителката Вилма Русковска ги тужи ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и Коалицијата „За обнова на Македонија“, Игор Јанушев како овластен претставник на Коалицијата и Христијан Мицкоски како претседател на партија ВМРО-ДПМНЕ. Постапката се води поради двата предизборни спота на партијата во која е преставен нејзиниот лик како некој што работи по нарачка на владејачката СДСМ.
На денешното рочиште беа презентирани дел од доказите на Русковска, а по него правниот застапник на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски рече дека две работи се важни поради кои сметаат дека тужбеното барање во целост е неосновано.
„Тоа е заштитата на членот 10 од Европската Конвенција за човекови права, слободи и права, односно потребата од почитување на правото за слободно изразување на мислата. Особено на критичката мисла која што е насочена кон работењето на државните органи и на власта во Република Македонија. Се поставува прашање што е побитно? Дали јавниот интерес, дали потребата граѓаните да бидат информирани, потребата на граѓаните на Република Македонија да можат да постават одредени прашања во саркастични и провокативна форма?И воедно заштитата на членот 10, или заштитата на приватната репутација на еден јавен функционер која што патем е платена од пари на граѓаните на Република Македонија, извршувајќи ја функцијата како што ја извршува обвинителката за организиран криминал“, рече Тошковски.
Обвинителката Русковска тужба до ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе бидејќи, како што рече, нејзиниот лик бил употребен во предизборните спотови во негативна конотација, односно како личност „која е извршител на власта“. Таа бара отштета од 10.000 евра кои, ако ги добие ќе ги даде во хуманитарни цели, односно ќе ги донира на СОС Детското село.