Агенцијата за електронски комуникации денеска ќе ја започне изградбата на новиот антенски систем за контрола и мониторинг на радиофреквенции за територијата на целата држава.
Футуристичката кула која ќе биде изградена на врвот на Водно, ќе претставува кула висока 155 метри со централно армиран бетонски столб на кој ќе бидат сместени четири конзолни платформи со површина од 180 до 200 метри квадратни. Кулата ќе се гради на 500 метри источно од Милениумскиот крст.
Директорот на АЕК, Роберт Ордановски пред поставувањето на камен-темелникот информираше дека изведувач на градежните работи,во рок од пет години, ќе биде градежното друштво „Гранит“.
>> Футуристичка кула ќе никне на Водно
Вредноста на договорот за градежни работи е 1.084.706.000 денари, финансии на Агенцијата.
Антенскиот систем се гради на врвот на Водно. Во него ќе биде сместена софистицирана опрема со преку која АЕК ќе прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции што ги користат операторите на јавни електронски комуникациски мрежи и услуги, јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва, авионавигацијата, функционалните системи.
– Поради својот специфичен изглед сметаме дека кулата ќе биде симбол за АЕК и од тие причини Агенцијата го редизајнираше своето лого во кое сега е ставен и новиот објект по кој веруваме дека со тек на времето ќе биде препознатлив и Градот Скопје, нагласи Ордановски.
Изградбата на антенскиот систем, според Ордановски, е предвидена со Програмата за работа на АЕК од минатата година, што ја одобри републичкото Собрание. Намерата на АЕК е во иднина врвот на Водно да биде расчистен од бројните присутни антени и во нивната централна кула да се префрлат сите радиодифузери и мобилни оператори.




