Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска или најдоцна до утре писмено ќе го информира Советот на јавни обвинители за сите дејствија кои биле презмени во предистражната и истражната постапка за „Рекет“, а поврзани со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Откако ќе го добие ова известување, претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев треба да закаже седница на Советот на која ќе започне постапката за разрешување на Јанева од позицијата – шеф на СЈО.
„Доколку Советот на јавни обвинители започне постапка за разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот поради незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата, Советот на јавните обвинители во разумен рок ќе достави извештај за утврдената фактичка состојба и основите за разрешување до Собранието. Врз основа на доставениот извештај од страна на Советот на јавни обвинители, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници во Собранието, Советот по предлог на Собранието го разрешува јавниот обвинител.
Собранието го утврдува предлогот за разрешување на јавниот обвинител до Советот на јавни обвинители со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство, и ќе го поднесе до Советот“, пишува во Законот за СЈО.
Но, бидејќи во Законот за СЈО не е предвидено на кој начин треба да се избере наследникот на Јанева, државниот обвинител Љубомир Јовески упати на одредбите од Законот за јавно обвинителство – односно Советот на јавни обвинители од редот на јавните обвинители на ова Обвинителство да определи в.д обвинител кој ќе раководи со ова обвинителство.
-За тоа има законски основи, бидејќи во Законот за СЈО во завршните одредби има одредба која пропишува дека доколку во одредени случаи не се поинаку регулирани, се однесува Законот за ЈО. Во Законот за ЈО постои одредба според која Советот е надлежен да определува вршител на должноста. Според тоа мене ми се чини дека доколку специјалниот јавен обвинител не може да ја извршува оваа функција, Советот веднаш треба да постави јавен обвинител од редот на јавните обвинители во тоа Обвинителство, рече Јовески на вчерашната прес конференција.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека за нив е неприфатливо било кој обвинител од СЈО да ја замени Катица Јанева, се додека не се расчисти случајот „Рект“ и не се утврди дали и други обвинители од СЈО се вмешани во овој случај. Тие бараат обвинителите од СЈО да се вратат во своите матични обвинителства, затоа што биле предлог на Јанева која го изгубила целиот кредибилитет.
Од партијата изјавија дека утре ќе се одржи нова средба на работните групи на власта и опозицијата за новиот закон за ЈО, на која ќе се разговара и за судбината на СЈО.
Што побрзо се решат овие правни дилеми ќе биде важно пред се за предметите кои ги води СЈО и кои се пред завршница во скопскиот Кривичен суд, но и за истрагите кои ги водат обвинителите од ова Обвинителство, а кои се ограничени во своите надлежности. Имено, во Законот за СЈО пишува дека Јавните обвинители во СЈО немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд.




