Спикерот на горниот дом на парламентот на Обединетото Кралство и Северна Ирска, баронесата Френсис Д`Соуза во земјава донесе цврсти уверувања за британската поддршка во напорите Македонија конечно да стане дел од Европската унија (ЕУ) и НАТО.
Од својата прва посета на земјава, на точно 20 години по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Велика Британија и Македонија, баронесата изрази големо задоволство, но и желба за понатамошно унапредување на политичките и економските односи меѓу двете земји, јавува Макфакс.
„Обединетото Кралство и Македонија имаат силни врски на пријателство и тука сум да се засилат истите. Дојдов и да потврдам дека Обединетото Кралство ја поддржува Македонија во напорите да стане полноправен член на ЕУ и НАТО, и ќе направиме се што можеме за ова”, потенцираше баронесата Д`Соуза во средбата со првиот парламентарец Трајко Вељаноски.
Претседателот на Собранието задоволен од, како што вели континуираната поддршка која Лондон и ја дава на Македонија.
„Од воспоставувањето на дипломатските односи во 1993-та година, Обединетото Кралство во континуитет гоподдржува интегративниот процес на Македонија за полноправно членство во ЕУ, и во билатералните односи го користи уставното име”, истакна Вељаноски.
Двајцата најавија и формирање на парламентарни групи за соработка, како и напори за унапредување на меѓусебните економски односни.
фото: Макфакс




