За повеќе од 24 часа во Србија се собрани над 17.000 потписи за поддршка со која се бара слобода за Сашо Богески.
Богески, Македонец кој живее во Белград, минатиот вторник околу полноќ во својот стан убил разбојник, бранејќи го своето семејство. На Богески пред два дена му е одреден притвор од 30 дена.
„Според нашите закони, самоодбраната во Србија многу тешко може да се докаже. Затоа мора да се организираме и да му дадеме поддршка на овој човек. Потпишете ја оваа петиција како знак на ваша согласност дека овој човек мора да биде пуштен од притвор и да не му се суди за класично убиство. Не дозволувајте овој човек да заврши во затвор“, се наведува на сајтот www.peticije24.com, каде за помалку од 24 часа повеќе од 12.000 луѓе го ставиле својот потпис.
Исто така, основани се и неколку групи на „Фејсбук“, меѓу кои се „Поддршка на Сашо- Безбедност на животот во домот“, која има над 7.000 луѓе. Најавени се и мирни протести ширум Србија, за да може на семејството Богески да му се пружи поддршка, но и да се влијае на промена на законите.