Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија испрати соопштение до јавноста во кое ја коментира поддршката што претседателот на Европската народна партија и ја даде на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател, Гордана Силјановска.
Според овие пратеници, кои беа исклучени од членството во ВМРО-ДПМНЕ откако гласаа за Договорот од Преспа, поддршката од Дол значи дека и Силјановска го прифаќа Договорот.
„Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ ја поздравува поддршката на Жозеф Дол кон кандидатката за претседател на ВМРО ДПМНЕ. ЕПП беше силен поддржувач на Преспанскиот договор и со ова се покажува дека тој е прифатен како реалност од Силјановска Давкова и ВМРО ДПМНЕ.
Фактот дека поддршката на Жозеф Дол значи дека Гордана ги прифаќа предностите на договорот од Преспа, е позитивна промена“, пишува во соопштението од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ.
Тие им посакуваат успех на кандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова и се надеваат дека на 5 мај ќе има мирен и успешен изборен ден, што е важно за евроатлантски интеграции.