Пишува Иво Босилков, докторанд на Универзитетот во Милано
По Договорот од Кјото, светот денес веќе две години има уште еден меѓународен пакт за климатска акција, тој од Париз. И сепак, нивото на океаните продолжува да расте. Летата стануваат се пожешки. Разорните бури стануваат се почести. Климатските промени никогаш повеќе не биле најголемата закана за опстанокот на планетата.
Секако, нема сомнение дека Парискиот договор е поамбициозен и поконкретен, најмногу поради тоа што го фиксираше степенот на глобално затоплување кое планетата може да си го дозволи пред да почне самата да го возвраќа ударот, систематски убивајќи го нејзиниот најголем душман – човекот. Статистичките модели и проекции се недвосмислени – ако се надминат двата степени, за неколку децении колапсот на екосистемите ќе резултира со човечки жртви кои ќе се бројат во милиони. Единствениот начин тоа да се спречи е итно запирање на испуштањата на стаклени гасови во атмосферата. Парискиот договор е мапата за овој колективен потфат.
Но, за жал, Договорот страда од хроничната болест на мултилатералните конвенции исто како и документот од Кјото: тие се повеќе декларативни отколку обврзувачки текстови. Ваквиот нивен карактер најдобро се гледа од нивните различни интерпретации, во зависност од локалните потреби и интереси, меѓу кои најдраматичен пример е целосното повлекување на потписот од страна на Соединетите Американски Држави.
Најголемата трагедија е што идиотизмот на Доналд Трамп е логичен исход на децениските меки и срамежливи политики на американската админстрација во битката против климатските промени, кои не создадоа перцепција за итноста на ова прашање. Поранешниот потпретседател Ал Гор целиот свој имиџ го изгради водејќи ја оваа битка. Херојот на либералната авангарда, високоценетиот Барак Обама ги декларираше климатските промени за еден од своите приоритети. Ниту еден од нив не успеа да направи суштински исчекор во будењето на свеста за климатските промени, и да инспирира поширок напор. Не успеаја ниту еколошките НВО-гиганти од типот на Гринпис.
Во тоа успеа Грета Тунберг. На 15-ти март, милиони следбеници во стотици градови во целиот свет се придружија на нејзиниот протест против институциите кои упорно не успеваат да го променат курсот кон климатскиот амбис. Многумина политички аналитичари се уште се обидуваат да објаснат како Грета успеа да направи чудо, мобилизирајќи ги оние кои досега пасивно посматраа, додека нивните лидери се занимаваа со сите други проблеми, освен со оној најважниот.
Тајната на Грета е што нема тајни. Со свои едвај 16 години, таа нема никаква дамка во нејзината историја и никаква скриена амбиција зад нејзините активности. Нејзиниот лик е едноставен, нејзиното држење е едноставно, нејзината порака е едноставна. Секој од нас може да се идентификува со неа.
Во време кога високата политика се одвива зад затворени врати, меѓу елитни кругови, во високо обезбедени облакодери, Грета го врати елементот на човечкото во арената на климатската политика. Нејзиниот пристап никогаш не беше стратешки пресметан. Кога за првпат застана со транспарентот “Школски штрајк за климата” пред парламентот во Стокхолм, таа едноставно ги следеше своите чувства, и искреноста на тие чувства брзо беше препознаена и валоризирана, не само од нејзините врсници, туку и од сите останати, рушејќи ги бариерите меѓу различните демографски групи. Грета не глуми и не претендира да биде некоја што не е. Таа само ја кажува вистината, без влакна на јазик и без страв од потсмев. Што значи стравот од потсмев, кога си обземен од егзистенцијален страв од иднината?
Тоа е причината за глобалната Гретаманија.
Ефектите на глобалното затоплување, освен за конспиративни егоманијаци како Трамп и неговите поддржувачи, се веќе нашироко познати. На популацијата не и недостига информација за да излезе на улица и да бара решение за овој проблем. и недостига инспирација за тоа. Кога Грета излезе со нејзиниот емотивен изблик, таа ја разбуди не свеста, туку совеста кај популацијата. Кога обична средношколка го изразува своето длабоко разочарување од состојбата во која се наоѓа планетата, тешко е да се остане рамнодушен и да не се почувствува срам од сопствената улога во изградбата на пеколот со кој ќе се соочат идните генерации.
Преку будењето на совеста а не свеста, Грета Тунберг го откри популистичкиот стил како рецепт за ефективна политичка борба во доменот на животната средина. Таа вешто го примени принципот на создавање непосредна врска меѓу харизматичниот лидер и следбениците, преку која се создава чувство на припадност на една заедница и на нејзината кауза. Кога на тоа ќе се придодаде емотивниот дискурс, во кој доминираат стравот од климатските промени и гневот од нивното континуирано игнорирање од страна на моќните елити, тогаш посветеноста на припадниците на заедницата на таа кауза станува уште поголема, затоа што тие се чувстувааат допрени од прашањето на едно подлабоко ниво од когнитивното. На тој начин се култивира страста за едно прашање кое е сосема правилно претставено како борба меѓу загушени жртви и нафтени предатори, меѓу живот во здрава околина и смрт во глобален хаос.
Грета Тунберг е најава за промената на начинот на водењето на зелените политики во модерната изборна арена. Александрија Окасио Кортез во САД или Џеси Клавер во Холандија се нејзините апостоли, протагонисти на новиот, зелен популистички бран, кој за разлика од конвенционалниот, националистички популизам не манипулира со цел да создаде поделба која му одговара на естаблишментот, туку ја кажува вистината за да го обедини фронтот против него. Катализатор на овој феномен е револтот кон потценувачкиот однос на политичарите кои сметаат дека обичниот граѓанин не знае што е добро за него, дури и кога си ги бара основните права. Но клучната причина за приклучувањето кон зелените иницијативи е желбата да се биде дел од промената, и конечното сфаќање дека нема никој да ја заврши работата за тебе, ако не се ангажираш и ја издејствуваш самиот.
Зборовите на визионерот Исак Асимов ја одразуваат логиката на оваа парадигматска промена. Понекогаш, тоа што е очигледно е најтешко да се забележи. Луѓето велат, се гледа како носот на твоето лице. Но колку секој од нас може да си го види носот, освен ако не застане пред огледало? Грета Тунберг го подигна тоа огледало за нас. И кога во него се видовме самите себе, сите наши недостатоци, неуспеси, стравови и разочарувања излегоа на виделина. Во таква ситуација, вистината не ослободува и ни дозволува да заборавиме на сликата која се обидуваме да ја проектираме во јавноста, на работа или пред пријателите.
Во таква ситуација, на сите ни станува јасно што направивме и што треба сега да направиме. На сите ни станува очигледно дека актуелниот систем за носење на одлуки е подеднакво неодржлив како и односот кон животната средина. За да се спаси Земјата, потребно е редефинирање на политичкиот модел кој ги остава најзасегнатите од еколошката деградација надвор од процесот на решавање. Единствено нивното масовно учество во напорите за системска промена насекаде може да ја спречи претстојната катастрофа.




