Нема дилеми дека квалитетот на едно општество зависи од ангажманот на сите чинители во општеството, но секако најмногу зависи од професионалноsта на институциите во една држава. Најголем процент од граѓаните кои ја напуштаат државата и се одлучуваат некоја друга држава да им биде свој дом, причината за непрофесионалноста на државните институции ја наведуваат како причина број 1.
Многу пати на секого од нас му се случило да не може да добие никаква информација ниту преку телефон, ниту преку емаил, а комуникацијата по електронски пат не е возможна, бидејќи секогаш одговорноста се пренесува од еден на друг. Таквиот однос предизвикува разочараност на граѓаните од институциите на системот. За таа цел една група на ентузијасти направија платформа која се нарекувa www.podobruvame.mk и на која платформа се внесени сите локални и национални институции и претпријатија кои се финансираат од буџетот на граѓаните и кои навистина имаат обврска на граѓаните да им одговорат на секое прашање, меѓутоа многу од нив тоа не го правеа досега.
На podobruvame.mk секој граѓанин може да си отвори свој профил преку својот профил на Facebook и Google и да постави прашање до некоја институција. Софтверот сам ќе ја открие институцијата која е надлежна за решавање на тој проблем, а ако сепак тоа не се случи поради недобро објаснетиот проблем, во тој случај корисникот ќе може да ја одбере институцијата мануелно. Кога проблемот ќе биде пратен до институцијата, процесот оди вака: Одговорното лице од институцијата му одговара на корисникот, го известува за процесот на решавање на проблемот и поставува рок за негово извршување.
Проблемот може да биде во статус Неодговорено, На чекање, Се извршува, Завршено, Незавршено. Секој ден секоја институција добива потсетник за прашањата за кои не одговорила. Важно е да се напомене дека секоја институција која добила прашање може да го препрати до друга релевантна институција доколку смета дека таа не е релевантната адреса за тој проблем.
Комуникацијата е јавна и транспарентна, меѓутоа само корисникот и институцијата се вклучени во директната комуникација.
Досега граѓаните поставиле повеќе прашања.
-Денес, на одредениот термин за подигнување на лична карта се појавив во МВР Битола со цел да ја подигнам истата.. се разбира не ја подигнав со одговор дека не им била испратена од Скопје.. Сметам дека не е во ред ваквото латентно, мрзеливо , незаинтересирано работење без никаква основа и без никаков одговор..
–Секаде во светот веќе има ИНСТАНТ ПЛАЌАЊЕ да во истиот момент парите од една сметка од одредена банка се префрлат на друга сметка во друга банка. Во Македонија тоа го има, или го нема? Или го нема во сите банки. Исто така која е причината да редовното плаќање има само еден клиринг и тој да биде со заклучок во 14ч, и средствата да се траснсферираат на другата сметка во друга банка дури во 15:20ч. Ова е повеќе од преседан, бидејќи банките сите средства кој ги добиваат од фирмите и граѓаните ги работат цел ден без каматно…Да не одиме подалеку…Во Србија клиринг има во 10ч, 13ч, 15ч, 18ч….Што е направено и што ќе се направи на оваа тема и до кога? (Симона Вржовска)
–Почитувани, следната година завршувам на Стоматолошки Факултет па ме занима дали има некои промени во финансиите кои стоматолозите ги добиваат од Фондот. Колку средства по пациент добиваат стоматолозите, и дали средствата се исплаќаат месечно? Јован Јованов Дали планирате нови канти за отпадоци во населбата Ѓорче Петров? Поради тоа што од блиски извори дознав дека во иднина ќе сте набавеле нови 950 канти, па сакав да знам дали мојата населба ќе биде дел од овој проект? (Благоја Петрушев )
-Реката Вардар наликува на пластична депонија во која голем број на пластични шишиња пливат низ неа, зошто за ваквото загадување никој не спроведува истрага и не одговара? Симеона Велкова Оризопроизводите кои го продадоа својот ориз и поднесоа за субвенции според програмата која беше објавена дополнителни 5 денари по кг продадена арпа, но сеуште ги немаат добиено овие пари и покрај најавата дека до септември средствата ќе бидат пуштени. Покрај тоа што арпата тогаш ја продадовме по многу ниска цена, не ги добивме ни дополнителните 5 денари од државата. Цената на оризот денес достигна до 25 денари по кг арпа бидејќи нашите амбари се празни затоа ние оризот го продадовме по 15 и 16 ден. кг арпа. Од тие причини земјоделците се револтирани и незадоволни и се чуствуваат измамени. Не интересира дали овие субвенции ќе бидат исплатени и кога? (Милан Славевски)
–Почитувани, Добивме информација дека сопственикот на Ветеринарна станица – Штип, Крсте Митев – Крле еутаназирал куче (маалски миленик кучето од првата) бидејќи имал пријава дека истото е агресивно. Воедно, имаме веќе неколку поплаки од граѓани дека повторно им го собрал маалското куче кое веќе еднаш беше заловено во стационарот, кастрирано и означено со маркица на увото(Џон, кучето од втората слика). Во меѓувреме на социјалните мрежи дознав дека Крсте има наредба од Општина Штип да го “исчисти” градот од кучиња во пресрет на Цеца по повод годишната “Пастрмалијада”. Сакам да го прашам Градоначалникот дали ова е начинот на кој што ќе го реши проблемот??? До кога Крсте ќе еутаназира еутаназира кучиња без притоа да постапува согласно Законот за благосостојба?(Ордан Трајков )
–Ајде да не бидеме мрзливи како општество и секој од нас да напише некој проблем и да ги претрупаме институциите со реални проблеми кои ни значат на секого од нас за и тие да решаваат приоритетни проблеми во корист на сите во општеството. Веруваме дека секој има барем по еден проблем, а ако решиме 2 милиони проблеми сигурно нашата држава ќе биде подобро место за живеење за секого од нас.(Марија Димов)




