На барање на граѓаните оштетени од поплавата во изминатиов месец, Владата на Република Македонија соопшти дека го продолжува рокот за пријавување на штетите од поплавите до 7. септември.

-Информираме дека краен рок за пријавување на настанатите штети (на недвижниот имот, движниот имот, моторните возила, земјоделските површини и сточниот фонд) од поплавите кои се случија на 6 август 2016 година, за оштетените од населените места Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица, е среда (7 септември 2016 година) заклучно со крајот на работното време во 16:30 часот, се вели во владиното соопштение.

Оштетените граѓани од горенаведените населени места кои досега ги немаат пријавено штетите од поплавите, истото може да го направат во општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Тетово, или пак во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во Гази Баба и Тетово.