Силното полициско обезбедување ја спречи намерата на десетина луѓе да ја стават црната наметка врз споменикот на Цар Душан. Групата се организираше преку социјалните мрежи за протест, денеска точно на пладне. Само што пристигнаа, полицијата го повика засилувањето при што не им беше дозволено да го покријат со црната наметка споменикот. На протестот се обрати Африм Гаши кој се престави како обичен граѓанин и повика на разумност со која ќе се покрене гласот на народот.
-Јас повикав јавно на овој протест и еве јавно пред сите вас, додека тие што градат скришно, уриваат скришно. Минатите денови се створи маглива ситуација околу авторството на поставувањето на овој споменик, па затоа презедов лична и граѓанска иницијатива за да дојдеме до вистината околу тоа кој го поставил овој бетон тука, наречен Цар Душан. Ова ќе го сториме со тоа што споменикот ќе го покриеме со црна наметка на срамот, и тие што ќе го откријат споменикот ќе ги сметаме за автори на поставувањето. После ова, можеме да разговараме затоа, кому му служи ова што Владата на Македонија иницирала поставување на споменик на еден српски владател кој ако не кај Македонците, кај Албанците се перципира како владател кој ги принудуваше католиците Албанци да станат Срби и православни, додека тие кои не се сложуваа ги убиваше на подмолен начин. Со овој акт, Владата на Македонија ги навреди сите Албанци во Македонија,односно 25 % од нејзината популација. Јас им благодарам на сите граѓани кои денеска ми се придружија и ме подржаа – изјави Африм Гаши, иницијатор на протестот
Инаку, денеска во целиот град имаше засилено полициско обезбедување, а во близината на споменикот на Цар Душан и хотелот Холидеј ин беше поставен полициски кордон, кој не дозволуваше движење на граѓаните во тој правец.
Како што НОВА веќе објави ноќеска неидентификувана група се обидела да го сруши споменикот на цар Душан, а според информациите на Алсат-М, се работи за група од 20 до 30 граѓани која ноќеска по полноќ се обидела да го урне споменикот, кој е значително оштетен, но не и срушен.

Како што пренесе телевизијата, меѓу граѓаните имало и претставници на ДУИ.
Главниот уредник во Алсат-М, Мухамед Зекири, на својот Фејбук профил објави фотографии од синоќешното уривање на Цар Душан, на „Мостот на цивилизациите“ пред зградата на Уставниот суд.
.jpg)
Но, најголемата енигма беше иницијаторот и соодветната институција која го поставила- се уште не се знае кој го нарачал, платил и поставил и за кој никој не сака да преземе одговорност.
Министерката за култура Елизабета Канчевска- Милевска не знае чие дело е поставувањето на Цар Душан, на 4 декември изјави за НОВА нејзиниот портпарол Анета Јовановска.
(1).jpg)
Претходно Унијата на интелектуалците Албанци во Македонија поставувањето на споменикот на Цар Душан го оценува како навреда не само за Албанците, туку и за Македонците и македонската држава.
Во писмената реакција од ова здружение се вели дека македонскиот народ и денеска го мачат последиците од владеењето на овој Цар, но сметаат дека неговото поставување претставува особена навреда и провокација за Албанците кои во нивното сеќавање го паметат како единствен владетел кој насилно ги словенизирал Албанците и ги преобратил католиците Албанци во православни.
Интелектуалците Албанци сметаат дека отстранувањето на овој споменик би било корисно за сите.
Реагираше и ВМРО- Народна. Оттаму ги поздравуваат реакциите на Албанците, го осудуваат молкот на институциите и ги прашуваат, како што велат, таканаречените заштитници на македонскиот идентитет и достоинство, за нивното нереагирање за да го отстранат споменикот.
Со реакција истапи и Здружението на ветераните на ОНА. Од таму оценија дека станува збор за провокативен споменик за поттикнување балканска војна и ги повикаа амбасадите на САД и Германија да реагираат.




