Протестот на околу 700 стечајци кој започна утрово во 10 часот, под силно полициско обезбедување пред Сојузот на синдикатите на Македонија, резултираше со полициска интервенција, откако демонстрантите продолжија со протестите пред Влада и се судрија со полицијата.
Оваа полициска интервенција беше квалификувана како брутална од страна на демонстрантите, обвинувајќи ги дека биле удирани со боксови и клоци а на еден од нив му била скршена и вилицата.

.jpg)
Во полициското комбе беа внесени активистот од левичарското движење Солидарност Васко Цацаноски и неофицијалната лидерка на стечајците Лилјана Георгиевска, која и покрај тоа што барала од полицијата да ја пуштат за да ги смири стечајците, тие без образложение ја привеле во полициското возило.
„Живееме во режим кој сака да ни ја наметне Босна и Украина. Со ваква тепачка врз народот на човек на возраст над 50-години… Ако сакаат да се тепаме ќе подготвиме друг пат, ова нема да не уплаши. Ќе се бориме за нашите права“, изјави Лилјана Георгиевска.
Портпаролот на СВР Скопје Лиза Бендевска, за НОВА изјави дека не станува збор за никакво приведување.
Хелсиншкиот комитет ќе покрене постапка и ќе ги документира повредите на луѓето кои протестираа затоа што се онеправдани затоа, што оваа влада не им дозволува минимум стандарди за живот, рече пред камерите Уранија Пировска, директор на Хелсиншиот комитете по чија интервенција беше спречено приведувањето на Лилјана Георгиевска.
По интервенција на Хелсиншкиот комитет двајцата беа ослободени.
Неколку невладини организации како опозицијата остро реагираа за употребата на физичка сила од страна на полицијата.

Хелсиншкиот комитет најави дека ќе побара од внатрешната контрола на МВР да биде испитан случајот зошто полицијата употреби физичка сила кон стечајците при денешниот протест пред Владата.
Во исто време директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска побара одговор зошто полицајците кои ги привеле во комбе демонстрантите, одбиле да се легитимираат полициските службеници и командирот, иако според закон се должни да го сторат тоа.

ЛГБТ мрежата пак, изрази поддршка и солидарност со стечајните работници и прогласените за технолошки вишок, упатувајќи апел до сите граѓански организации, сите граѓани и граѓанки, активисти и активистки за човекови права да се приклучат кон борбата, со барање”да го изразиме незадоволството предизвикано од континуираната егзистенцијална тортура, дехуманизација и експлоатација.”
Реагираше и опозициската СДСМ, која соопшти дека најостро ја осудува злоупотребата на полициски сили против стечајците и граѓанските активисти при денешниот протест.
Овие обвинувања беа отфрлени од страна на МВР, која излезе со соопштение, каде ги обвини стечајците за нарушување на јавниот ред и мир:
-За време на денешниот протест на Здружението на стечајни работници и технолошки вишок УНИТ поддржано од неколку невладини организации.
Во повеќе наврати беше нарушен јавниот ред и мир и тоа со обид за демолирање на заштитната метална ограда, како и туркање на кордонот полициски службеници.
Во соопштението се додава дека бил идентификуван и легитимиран еден од сторителите и против него, како и против организаторот на протестот ќе бидат поднесени соодветни пријави.




