Скопската полиција ноќеска, нешто по полноќ на територијата на општина Аеродром привела петнаесетина мигранти кои биле стационирани на потегот од трговскиот центар „Бисер“ кон Ново Лисиче.
-Поминувавме нешто по 23 часот на патеката низ Аеродром, на булеварот „Јане Сандански“ кога ги забележавме во тревата во паркот како седат и вечераат. Беа цели семејства со деца и млади луѓе – сведочи за НОВА, Александар Т. од Скопје.
Неколку минути по полноќ интервенирала полицијата која ги отстранила мигрантите. Засега нема информации како се дојдени во скопската општина Аеродром.
Мигрантите најчесто ги користат железничките пруги на коридорот Гевгелија-Табановце, а чести се случаите да бидат товарени во голем број, во комбиња или камиони за да бидат префрлени до северната граница.
Само вчеравечер, велешката полиција околу 19.30 часот симна околу 200 мигранти од патничкиот воз кој сообраќаше на релација Гевгелија – Скопје.
Репортерот на „НОВА“ кој беше очевидец на полициската акција, регистрираше приближно 200 луѓе кои беа качени во три вагони на патничкиот воз. Сите беа на возраст до максимум 30 години, а меѓу нив имаше и 3 девојки. Дел од нив разговараа и на македонски со полицајците.
Иво Котевски, помошник министер во МВР, за НОВА објасни дека по симнувањето на мигрантите во Велес, групата ќе биде префрлена во Скопје во центарот за азиланти, од каде што го продолжуваат патот кон север.
-Најголем број од нив велат дека сакаат азил, поднесуваат барање, се сместуваат во Центарот за азиланти во Визбегово, но за неколку дена продолжуваат кон Србија. Постапката за депортација кон Грција од каде што влегуваат е тешка, а полицијата секојдневно на границата спречува влез на 2.500 до 3.000 мигранти – вели Котевски.
Групата мигранти која беше симната од возот во Велес, според кондуктерит, насилно се качила на станицата во Демир Капија.
-На другите постојки кај гевгелиските села има групи од по 100 луѓе, но полицајците кои го обезбедуваат возот стоеја на вратите и не им дозволуваа да влезат. Вака не се работи веќе, државата мора да го реши овој проблем – сведочат за НОВА кондуктерите во возот.
И МВР признава дека секојдневно се откриваат нови и нови групи.
-Не само во патничкиот воз, имаше уште една акција вчера каде што петнаесетина мигранти се откриени и во товарен воз. Сите се носат во прифатниот центар за азиланти, а доколку некој е приведен за криумчарење мигранти, тогаш тие се носат во Транзитниот центар во Гази Баба, бидејќи треба да сведочат во постапката – вели Иво Котевски од МВР.
Мигрантите во изминатава годинава се секојдневна слика на македонските патишта, а најголем дел од нив ги користат пругите за да поминат низ Македонија. До сега, во неколку несреќи загинаа над 30 мигранти кои беа прегазени од возовите.
Вчера утро беа повредени неколку мигранти и во комбе кое се превртело на патниот правец Градско – Велес.
До сега, потврдени се и голем број на случаи каде што мигрантите се напаѓани и ограбувани. Полицијата има откриено неколку случаи, а судот има донесено пресуди и изречени казни затвор од 3 до 5 години за насилство над мигранти што го извршиле македонски граѓани.
На северната граница, во кумановско Ваксинце постои див бегалски камп во кој престојуваат мигрантите додека чекаат прилика илегално да ја поминат македонско -српската граница.
Британската телевизија Канал 4, во петокот објави репортажа во која тврди дека мигрантите се киднапираат во кумановскиот регион, а локалните криминални банди им бараат откуп од илјада до пет илјади евра. Телевизијата тврдеше дека лоцирала киднапирани мигранти по мобилниот телефон, а куќата каде што биле држени ја чувале вооружени лица.
МВР предложи измени на законот за азил, во кој се предвидува мигрантите да добијат рок од 72 часа да ја напуштат државата без правни последици, но измените се уште не го имаат поминато собранискиот филтер. Вакво решение има Србија која од почетокот на сириската криза дозволи мигрантите да транзитираат низ Србија во рок од 72 часа.
Во македонските затвори има над 100 луѓе осудени во последниве две години за трговија со мигранти. Најмалата казна за ова дело е 4 години затвор, а доколку превезуваат малолетник, најмалата предвидена казна е 8 години затвор.




