Проблемот не е во тоа што го кажуваат. Проблемот е во тоа што не одговараат.
Случај: ВМРО-ДПМНЕ.
Џабир Дерала
Во политиката никогаш не недостигаат конфликти, тоа е дел од секојдневниот политички живот во демократските, но и во хибридните режими. Тишина владее во авторитарните држави. Но овој текст е коментар за политичките стилови со осврт на случајот ВМРО-ДПМНЕ, а не е теоретска расправа за разликите меѓу режимите и политичките системи.
Значи, политичките несогласувања, па и остри конфликти во јавниот и политичкиот дискурс се вообичаени. Но стиловите на политичките актери се многу важни за еден демократски амбиент. Особено ако се работи за политичка партија со апсолутна власт во земјата – речиси апсолутна доминација во парламентот, локалната самоуправа и влада на централно ниво. Дури и во претседателската вила е госпоѓа што ѝ припаѓа на партијата на власт.
Кој е стилот на партијата на власт? Одговорот е релативно лесен.
На секое суштинско прашање – за европските интеграции, уставните измени, меѓуетничките односи, дискриминацијата, економските предизвици или врските со авторитарни центри на моќ – ВМРО-ДПМНЕ и институциите што се под нивна цврста контрола, едноставно, не одговараат. Или целосно го игнорираат прашањето со молк, особено ако доаѓа од независни медиуми и јавни интелектуалци, или – кога се работи за соопштенија од опозицијата – одговара со напад. Онака, турбо-фолкерски, без вкус и осет за мерка.
Како може да се опише еден рутински пи-ар напад од Белата Палата? Тоа е напад со остра реторика, не секогаш умесно формулирани реченици, но и со еден клучен недостаток. Редовно или, ајде да не бидам тотално исклучив, во случај да сум пропуштил нешто, речиси редовно, во одговорите од штабот на една од најбогатите политички партии во Европа, недостасуваат факти и аргументи, а најмногу јасен став за нештата. Наместо аргументи, факти и јасни позиции, јавноста добива етикети и закани против „предавниците“ и „непријателите“ на „гордата нација“ која само тие можат да ја заштитат. Така, наместо објаснување, јавноста гледа спектакли на дискредитација придружена со заглушувачка турбо-фолк бучава.
Илустрација: Во рововите на пропагандата (CIVIL Media / XhD)
Пропагандните усни на Белата палата се движат, но не излегуваат одговори, туку само напади без аргументи.
Притоа, соопштенијата на партијата не се разликуваат ни малку од оние на владата. Тоа е вообичаена состојба на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Како што своевремено констатира и Рајнхард Прибе во Препораките од 2015 година, кога се ближеше крајот на владеењето на Никола Груевски – „замаглена е линијата меѓу државата и партијата“.
Особено е интересен односот на ВМРО-ДПМНЕ кон опозицијата. Покрај тоа што е видлива нервозата кај црвено-црните поради засилениот опозициски тон на СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, тие ги манифестираат добро познатите симптоми. ВМРО-ДПМНЕ е силно централизирана партија во која наративите се диктираат од тесен и блиндиран круг околу „чувствителниот“ Христијан Мицкоски кај кого е концентрирана сета моќ во државата. Иако централизираноста и принципот на „цврста рака“ навидум изгледаат како силна страна на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е, всушност, најслабата точка на оваа партија. Особено ако во средиштето на кругот на моќта е престолонаследник што ни оддалеку не успева да ги репродуцира доволно добро политичките и раководните капацитети на својот претходник.
ВМРО-ДПМНЕ го дискредитира СДСМ речиси во секое соопштение – дека е „во паника“, дека е „без стратегија“, дека „лаже“, извршила „предавство“ и слични изрази. Е па што? – ќе прашате, можеби дури и делумно со право – сѐ е дозволено во политиката. Иако не е точно дека баш сѐ е дозволено, во пракса, така и е – нема правила, нема скрупули, нема етика.
Но проблемот не е во острата реторика и дискредитација. Проблемот е што нема одговор.
Кога ВМРО-ДПМНЕ се соочува со конкретни прашања, одговорот нема врска со прашањето. Не се ни обидуваат да одговорат – ниту да излажат. Едноставно, одговор нема. Власта не одговара на клучните прашања поврзани со животот на луѓето и со правецот во кој се движи државата. Прашањата за тоа што прави власта, кои се нејзините политики, како ги исполнува своите обврски кон граѓанките и граѓаните, како ги исполнува обврските кон меѓународните партнери, дали и кога ќе ги исполни ветувањата дадени пред изборите – сето тоа останува непознаница.
Пропагандните усни на Белата палата се движат, но не излегуваат одговори, туку само напади без аргументи.
А некогаш се движат, но не излегува глас.
Тоа е суштината на проблемот. Не дали СДСМ е „во паника“ или „без концепт“. Тоа, на крајот на краиштата, не е важно. Може СДСМ да биде и lost in space, но тоа не е партијата со речиси апсолутно мнозинство во парламентот и апсолутна власт во земјата. Со други зборови, никој не го прашува ВМРО-ДПМНЕ за состојбите во СДСМ. Од друга страна, СДСМ и другите опозициски партии имаат обврска да бидат коректив на власта. Истото се однесува и на медиумите и граѓанското општество.
Дали се работи само за нервозна партија што не знае што зборува и се потпира на импровизација? Не. Се работи за метод. ВМРО-ДПМНЕ има усовршено низа техники за манипулација со јавноста, меѓу кои и whataboutism – техника со која вниманието се пренасочува од суштинското прашање кон нешто друго, најчесто кон напад врз политичкиот противник. Во комбинација со манипулации, дезинформации и говор на омраза, власта создава паралелна реалност во која одговорноста целосно исчезнува. Систематски се внесува збунетост, гнев и омраза кај луѓето.
Овој пристап не би бил толку ефикасен без медиумската околина во која се спроведува. ВМРО-ДПМНЕ денес функционира во простор на речиси апсолутна медиумска доминација. Тој простор не е природно создаден, туку е резултат на години градење мрежи, финансиски и политички шеми. Тие шеми се поддржани од олигархиски структури, како и од надворешни центри на влијание, вклучително и Будимпешта и Белград, како и со поширока координација со Москва.
Во таква средина, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не чувствуваат никаков притисок или потреба да одговараат на прашања. Доволно е да се повторува наративот во кој нема ништо освен дискредитација и омраза. Или да ги игнорираат прашањата.
Последиците од овој модел се далекусежни. Кога власта систематски избегнува одговорност, јавниот простор се претвора во арена на постојана конфронтација без содржина. Наместо информирана дебата, добиваме политичка поларизација која неретко содржи етнички контекст. Така, наместо доверба, расте недовербата, наместо решенија и итни мерки за преживување „од први до први“, само се продлабочуваат кризите и се јакне национализмот и омразата кон „надворешниот“ и „внатрешниот непријател“. Резултат – парализа. Закочен процес на пристапување кон ЕУ, слабеење на евроатлантската ориентација и јакнење на оската со „браќата“ и со „мајката“.
Не смее да се занемари и фактот што ваквиот турбо-фолкерски стил не е резервиран само за политичките пресметки со опозицијата. Истата матрица се применува и кон независните медиуми, граѓанското општество и интелектуалците – секој што поставува прашања или се обидува да изнесе критички став кон реалноста, едноставно, станува мета.
Овде не станува збор за одбрана или напад на една или друга партија – партиите си се големи, а имаат и буџети сами да се грижат за себе. Станува збор за одбрана на принципот дека прашањата заслужуваат одговори. Кога одговорот е напад без аргументи – вистината останува закопана во рововите на политичката пропаганда.