Сопственикот на една од најпопуларните скопски дискотеки „Сектор 909“, Огнен Узуновски-Оги, кој беше и активен учесник во протестите на Шарената револуција, беше приведен ноќеска во големата рација по ноќните клубови во Градски парк. Освен „Сектор 909“ полицијата упаднала и во ноќниот клуб „Епицентар“.
Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција биле во присуство на вооружени полицајци кога влегле во дискотеките и Министерството за внатрешни работи сè уште не излегло со официјално соопштение за акцијата, која на социјалните мрежи е опишана како скандалозна, брутална и како тежок удар врз ноќниот живот во Скопје.
Додека се чека официјалниот став од МВР за ноќешната рација во угостителски објекти во Скопје, оттаму неофицијално тврдат дека полицајци биле нападнати вчера и во текот на ноќта, па затоа при асистенцијата на УЈП и на Пазарната инспекција, носеле оружје како заштита. Иако неофицијално, оттаму негираат каква било употреба на сила врз граѓани при контролите од УЈП и од Пазарната инспекција.
Узуновски веднаш после немилиот настан на Фејсбук напиша:
„Татко ми вика цел живот:сине ќе те учи работата,така да сигурен сум дека е у право “ќе не учи работата”,Јас Огнен Узуновски не се осеќам како криминалец и Сектор 909 не е само едно обично диско,туку е еден начин на “живот”.Не можете да не сопрете,тука има многу љубов❤Со ова вечерва,сами Вие (знаете на кој се обраќам) треба да размислите дека ако #немаПравдаНемаМир“
На Фејсбук беа објавени две аматерски видеа на кои се забележува полицаец со тетратка како зема податоци од диџеите, а публиката во ноќниот клуб ја исвиркува полицијата.
Бројни критики за постапката на Министерството за внатрешни работи следуваа на социјалните мрежи. Меѓу најгласните беа некои од учесниците на Шарената револуција, токму поради тоа што и Огнен Узуновски – сопственикот на ноќниот клуб „Сектор 909“ беше активен учесник на истата.
„МВР се слушаме? Постојат правила и стандарди за примена на мерки за присилба! Ќе се бараат одговори за потребата да се демонстрира сила со огнено оружје во дискотека полна со луѓе! Ќе се постави и прашањето на командна одговорност! Кој ја дал наредбата и зошто? Полицијата постои да ги заштитува граѓаните и да постапува во рамки на дозволена и неопходна примена на сила и мерки за присилба, секогаш заради обезбедување на сигурност и безбедност! Не ни треба уште една власт која преку полицијата ќе покажува моќ и ќе влева страв кај граѓаните“ – напиша Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет на Фејсбук.
Диџејот Мирко Попов на Фејсбук напиша: „Навистина: КОЈА Е ПОЕНТАТА ДА СЕДИШ СО АУТОМАТСКА ПУШКА У БИЛО КОЕ ДИСКО У СКОПЈЕ??? Можеби некој од властите би бил љубезен да одговори“.
Замир Мехмети кој беше дел од Шарената револуција на Фејсбук напиша:
„Чекајте малку другари ние дефинитивно НЕ се боревме за упади на вооружени специјалци по дискотеки. Тоа што се случувало синоќа низ Скопје е уште еден доказ дека Македонија сеуште е полициска држава. Ударот врз братот Оги, е удар врз сите нас. Оги си ја стави главата во торба исто како нас и даде се од себе за конечно промените да дојдат. Излет беше отпорашкото место каде се спремаа сите балони, пушки со боја и се пишуваа платната. Синоќа сте го привеле без срам и без перде. Ова не смее да помине така. Поддршка до небо за братот Оги. Ако сте решени да апсите луѓе што се борат против кичот, тогаш бујрум уапсете ме и мене“.
Актерката Весна Петрушевска исто така даде поддршка за Узуновски.
Фоторепортерот Роберт Атанасовски на Фејсбук напиша: „Јас не сум некој шетач по клубови ама ова вчера што се случило во Сектор, а поготово што го уапсиле Оги е еден од најголемте срамови од оваа влада.Епа дечки многу ви е лош Пи-арот поготово во вакви моменти.Да дозволите на полиција да хара по градов со автомати ме потсеќа на некој други времиња што сакам да ги заборавам.Ова ти е како сам себе да си се пукал у нога, ама не у една у двете ноги. #СтопЗаПолицискаБруталност #ПоддршкаЗаОги“
Активистката Ирена Стеријовска напиша:
„Пушки во диско, шерифски упади, Огнен Узуновски приведен???? Па каде се разбудив јас бе? Па во Сектор ли ќе разбивате криминал бе абдали едни? Државата во гранде акција против ноќниот живот во Скопје а? Браво, браво! Не спасивте сите од злосторничкото здружување на журкачи у диско. Сега како граѓанин се осеќам многу посигурно кога Оги го апсите а убијци, криминалци и војна мејкери си шетаат слободно по граду. Нема никакво оправдание за она што се случило вчера, јебало вас измешани приоритети и утнати проценки! Она што сте го направиле вчера ви е една од најголемите и најнепромислени грешки и да немаме дилема дека цехот на крај во политички поени ќе го платите. А тоа сега најмалку ви треба“
Пратениците Ивана Туфегџиќ и Павле Богоевски исто така се огласија за настанот и повикаа на одговорност.
„Со полициски рации не се постигнува ништо освен нарушување на и онака кревката доверба на граѓаните кон полицијата. Никој не вели дека не треба да има пазарна или даночна инспекција за угостителските објекти меѓутоа тоа може да се направи и на крај на работно време на дискотеката“ – напиша Туфегџиќ.
Министерството за внатрешни работи се уште не се огласи за настанот, а упадот не е наведен ни во дневниот билтен на настани.




