Поливалентните вакцини нема бидат набавени до крајот на годината, ниту на пролет идната година како што ветуваа од Министерството за здравство. Овие вакцините во државата ќе стигнат во втората половина на идната година, најави денеска премиер Никола Груевски.
-На вчерашната седница на Владата се донесоа потребни одлуки со кои почнува процедурата за набавка на поливалентни вакцини, за што државата ќе вложи 380 милиони денари, а вакцините треба да пристигнат во вториот квартал од идната година. Процедурата за набавка трае околу една година и тие се дел од изборните ветувања. Ние го ветивме тоа на граѓаните и веднаш на правата владина седница вчера ги донесовме потребните одлуки, изјави Груевски.
Министерот за здравство Никола Тодоров пред изборите најави дека годинава ќе бидат набавени поливалентни вакцини и дека набрзо ќе биде распишан тендерот. Подоцна во Министерството потврдија дека заради големата побарувачка за овој тип вакцини тие во Македонија ќе стигнат најрано до март, април идната година.
-Поради големата побарувачка многу се чека на набавката на вакцините, така што еве и Србија има проблем да ги набави, изјави пред две-три недели за НОВА Јованка Костовска од Секторот за превентивна заштита во Министерството за здравство.
Македонија е единствена земја во Европа која се уште ги нема поливалентните вакцини во задолжителната имунизација, а децата се вакцинираат со застарени вакцини. Поливалентните вакцини овозможуваат со едно боцкање да се примаат пет или шест вакцини, а во нивниот состав има и ацелуларни, односно високо прочистени вакцини.




