Со вториот пакет мерки, покрај заштитата на работните места, една од клучните работи е и паричната помош на лицата и на семејствата на кои им е најпотребна, рече заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, на денешната прес-конференција.
Тој објасни дека на лицата кои останале без работа или биле дел од неформалната економија, сега им се овозможува брз влез во системот за социјална заштита преку остварувањето на правото за добивање минимална гарантирана помош.
Висината на помошта ќе се утврдува врз основа на вкупната просечна висина на сите приходи на членовите на домаќинството, сметано од последниот месец, а мерката ќе трае два месеца за април и мај.
„Предвидовме уште една мерка за поддршка на корисниците на социјалната заштита, кои ќе добијат дополнителна исплата на додаток за месеците април и мај. Тоа се околу 30.000 корисници кои ќе добијат по 1.000 денари енергетски додадот за април и мај“, рече Бајрактар.
Во моментов три месеци е отежнато издавањето на решенијата од центрите на Министерството за труд и социјална политика за паричен надоместок за помош и нега од друго лице. Бајрактар ги смирува засегнатите кои си ги очекуваат своите права.
„Најнова вест е дека се потпишани правата на надомест и од понеделник граѓаните ќе ги добијат сите“, рече Бајрактар.
Дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ, која исто така присуствуваше на прес-конференцијата, се осврна на образовниот додаток кој вели дека ќе продолжи да се исплаќа без разлика што нема редовна настава.
„На вчерашната седница, Владата донесе уредба правото на образовен додаток да продолжи да се исплаќа без разлика на тоа што во моментов немаме редовна настава. Целта е да се олесни пристапот на семејствата без приходи. Околу 17.000 деца ќе добијат право на образовен додаток, 700 денари за децата од основно образование и 1000 денари за децата од средно образование“, рече Шкријељ.





