Убеден сум дека Северна Македонија ќе биде силна земја сојузник во НАТО и сигурен сум дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство, со што и формално ќе ви пoсакаме добредојде во Алијансата, истакна американскиот државен секретар Мајк Помпео по средбата со премиерот Зоран Заев во Охрид.

Помпео го поздрави, како што наведе, историскиот Договор од Преспа, како и Спогодбата за добрососедство со Бугарија.

– Преспанскиот договор е основа за поблиски економски врски меѓу вашите два народа, особено во енергетиката, како и за поголема стабилноста на Балканот и на цела Европа. Го поздравуваме и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија што придонесува за подобри односи меѓу двете земји, рече Помпео.

Искажа и благодарност за учеството на нашата армија во мисиите заедно со војската на САД, во Ирак, во Авганистан и во борбата против ИСИС.

– Како водечка демократија во светот САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото и борбата против корупцијата. Ги поздравуваме чекорите што ги презема вашата Влада во борбата со корупцијата и сите оние кои ги прекршиле законите и ја злоупотребиле јавната доверба. Борбата со корупцијата е од клучна важност за вашата НАТО и ЕУ интеграција, но уште повеќе за вашата демократија и за граѓаните, изјави Помпео.

Треба да се водите, наведе Помпео, од желба за напредок, а не од руски ботови, тролови и социјални медиуми. Прeдупреди и за обидите на Кина за наметнување економско влијание во регионот.

Тој изрази задоволство што неговата посета на земјава се совпаѓа со 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу САД и Северна Македонија.

– Растежот на нашиот дипломатски тим го одразува и развојот на нашето стратешко партнерство, ние соработуваме за безбедна и суверена Европа, истакна Помпео.

САД ќе продолжат да бидат партнер на Северна Македонија за доброто на вашите граѓани, на регионот и на светот, порача американскиот државен секретар.

Премиерот Заев рече дека САД се докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија, а денешната посета на државниот секретар Мајк Помпео е силен сигнал за поддршката на САД за нашата земја, за нашите евроатлантски интеграции и потврда дека продолжуваме да ја продлабочуваме соработка.

– Северна Македонија е посветен стратешки партнер на САД. Американскиот народ е пријател на македонскиот народ, и на сите народи кои живеат во нашата земја.Имамаме политички и историски причини да го одржување и зајакнуваме нашето пријателство. Дел од нив се нашите заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот и заеднички активности во борбата против тероризмот и другите закани за мирот ширум светот. Подготвени сме со уште поисилно темпо да учествуваме во сите глобалните иницијативи  кои се конфронтираат на дезинформациите и заканите по демократијата, рече Заев.

Нагласи дека со очекуваното полноправно членство во НАТО, нашиот придонес во таа насока ќе добие силен  поттик и нова димензија.

– Членството во НАТО е наша суверена одлука за која има силна надпартиска одлука и меѓуетнички консензус. Тоа е за нас постигнување на една историска цел. Голема придобивка не само за нашата земја туку и за зајакнување на слободата и демократскиот просперитет на целиот регион, истакна Заев.

Тој посочи дека досега протоколот за членство во НАТО го ратификуваа 22 земји членки и со оптимизам очекуваме полноправно членство во Алијансата во блиска иднина.

-Сакам да се заблагодарм на САД за недвосмислената поддршка за нашето членство во НАТО и за брзо очекуваната добра вест дека протоколот ќе се ратификува и во САД. Во меѓувреме целосно сме подготвени да ги прифатиме обврските од нашето членство. Имаме силна политичка волја Буџетот за одбарна да биде 2 отсто од БДП и тоа не подоцна од 2024 година, ако не и порано, рече Заев.

За десеттина дена, истакна премиерот, ја очекуваме и веста од Брисел за отворање на преговорите за членство во ЕУ. Тоа ќе има силно позитивно влијани на целиот регион и значи награда за напредокот и полтичката храбтост.

Претходно, во „Вила Билјана“, во Охрид, Помпео беше примен од претседателот Стево Пендаровски.

Според Пендаровски, посетата на државниот секретар на САД, Помпео, е во исклучително важен период за нашата земја, и е потврда за пријателството меѓу САД и Северна Македонија, засновано на заедничките вредности за мир, слобода и демократија.

 

„САД е нашиот стратешки партнер уште од нашата независност, а американската поддршка беше клучна во одбранбените реформи и трансформацијата на нашата Армија, со цел исполнување на критериумите за членство во НАТО. Преку програмите за развој, САД ни помогнаа во зајакнувањето на институциите, владеењето на правото, реформите на судството, зајакнувањето на граѓанскиот сектор и медиумите, како и поддршка на поволна бизнис клима за трговска размена меѓу двете земји“, истакна Пендаровски на средбата.