Пишува Ида Протугер Вељковиќ, тренер за системски развој
Суреалните сцени на кои фрштат евра во Луј Витон чанти, гласот на специјалната обивнителка Јанева “се ќе биде ок”, кикотот на Камчев зборувајќи му на Тредичи “јас и ти брат сме ти такви хиени” и сомнежот дека во таа мафијашка пајажина не се вплеткани само тие неколкумина, е всушност “јаготка на шлагот” на разочарувањето кај групата на граѓани која посакуваше промени. Оваа група, неформално наречена “шарените” се надеваше дека со падот на груевизмот, ќе се исправи на нозе правната држава.
Не навлегувајќи во априори определување виновници и невини во оваа мафијашко-политичко-партиска шарада бидејќи институциите треба да покажат зрелост и тоа да го расчистат, фокусот ми е на интересите токму на изневерената група граѓани. Оние кои сега се понижени и навредени. Граѓаните кои на предизборните анкети најчесто се во графата неопределени, но кои се покажуваат клучен фактор во конечниот исход на кои било избори. Тие јасно се дефинираа низ протестите на Шарената револуција и своите интереси ги искажаа преку паролите “нема правда нема мир” и “парите да ги вратите”.
Со други зборови, оваа група граѓани сакаат правда, правна држава, одговорно управување со државните ресурси (поставување кадри според партиски заслуги, а не компетенци е исто така злоупотреба на ресурси) и отчетно владеење. Накусо, граѓаните кои се залагаа за промени бараат систем на владеење како во развиените земји во чие друштво наводно сакаме да сме, а во Македонија се уште не е воспоставен.
Две години по падот на груевизмот и формирањето на новата влада, паролите на “шарените” се поактуелни од кога било. Лидерите на тогашната опозиција со кои “шарените” имаа неформален договор дека ќе донесат правда, одговорно владеење и управување со државните ресурси, не ги остварија таквите очекувања. Напротив, деновиве очајот го достигнува својот зенит. Перцепцијата за власта кај оваа група дека работи без компас, без визија, без план, сега е зачинета со сомнеж дека можеби во криминално-корупциска мисла не се различни од претходните. Овие граѓани кои не се членови на партии деновиве добива мотив плус и “ветер во едрата” при дилемата дали да се остане во Македонија или да се бара правна држава и отчетно и одговорно владеење во некоја друга земја.
ШТО Е ЛИДЕРСТВО
Во психолошка терминологија, група претставува заедница од најмалку двајца луѓе кои се во меѓусебна интеракција и делат иста цел и очекувања. За таа цел, групата избира лидер. Публика која следи концерт не е група според овие параметри. Ним не им треба лидер да ги артикулира нивните интереси туку едноставно се група која има ист вкус за поминување на слободното време.
Лидерството е предмет на проучување на повеќе науки од психологија, социологија, биологија и слично. Она што се сознанија, неколку клучни елементи се битни за некого групата да препознае како лидер. Прво е моќта (која произлегува од лични компетенци, но и функција), социјални компетенци (и емоционална интелигенција), заеднички вредности и интереси со групата преточени во цел, како и харизма (способност да се инспирираат, емоционализираат и мотивираат останатите).
Целта и моќта се клучни во оваа смисла. На пример, некој лидер може да добие моќ преку функцијата и да заборави на интересите на групата туку да следи сопствени цели. Во тој случај, групата ќе бара начин да го смени тој лидер иако тој може да црпи моќ од функцијата, но нема да ги артикулира нејзините интереси. Ќе биде формално, а не суштински лидер, до моментот кога групата ќе најде начин да го смени. И обратно, ако има цел која е заедничка со групата, на лидерот му треба моќ да ја оствари.
Инспиративен лидер е оној кој успева да ја комуницира добро својата визија која кореспондира со целите и интересите на групата и вредностите за кои се залага. Инспиративен лидер успева индивидуалните цели на членовите да ги подигне на ниво на “големата слика”, за да бидат уверени дека заедничката цел ги опфаќа и нивните лични интереси. На пример, вработен во некоја фирма има лична цел да оди на работа поради плата и социјализација. Инспиративен лидер во лик на менаџер ќе успее да ги искомуницира целите на компанијата кои како крајна цел ќе ги опфатат и лични интереси на вработениот. Или на пример имаме член на партија кој мисли дека партијата треба да го вработи како награда за лојалност и ангажман, а лидерот ја има пред себе големата слика за воспоставување систем за еднакви шанси при вработување. Инспиративен лидер е оној кој ќе успее да искомуницира јасни критериуми за селекција на кадри и напредок, при што партискиот член ќе има шанса да биде “видлив” во тие рамки, но и ќе се увери дека системот на еднакви можности на долг рок обезбедува недискриминација за, на пример, неговите деца при промена на партијата на власт во иднина (големата слика).
Во македонскиот случај имавме лидер во ликот на Груевски кој изгради причилно успешен начин за опстојување на власт. Интересите за демократија, со еднакви права за сите и употреба на државните ресурси за заедничко добро, ги згази и се потсмеваше со нив. Големата слика ја сведе на гола математика како да дојде до милионите за кои слушавме во бомбите, преку задоволување на лични краткорочни интереси на поддржувачите. Тој беше автократ и клептократ, но најде клиентелистички систем со кој поткупи доволен број на луѓе кои истргуваа со слободите и демократските вредности (некои воопшто и немале такви вредности) колку што му требаше да ги капитализира во изборни гласови. Таквата комоција во разработениот систем му ја наруши притисокот на демократската јавност (група која поради системска кражба на гласови и уцени ниту во 2016 г. не беше доволно голема и силна да го тргне од власт) во комбинација со притисокот на развиените земји кои инсистираана демократија и опозицијата.
И кога конечно очекувањата на непартиското граѓанство кое сака функционална држава беа остварување на ветувањето дека “ова зло не треба никогаш да се повтори”, надежта почна да се урива како кула од карти.
Новиот лидер се најде затекнат по неколку основи. Прво Заев не ги артикулираше интересите на граѓаните кои јасно порачаа дека без правда и воспоставување правна држава, градење на поинаков систем е едноставно невозможно да се постигне. Наместо тоа, правдата стана предмет на трговија и поткусурување. Сосема се издржани аргументите дека немал моќ поради малиот број пратеници, но повторно, клучниот елемент за одржување на еден лидер е моќта. Ако моќта е на другот место (кај опозицијата, ДУИ, криминалците) тогаш оној кој е на лидерска позиција нема капацитет за лидерство.
Натаму, Заев не покажа дека ја разбира целта на групата која сакаше промени во вид на еднакви услови за сите и компетентни кадри во институциите. Тој од почеток се определи за задоволување на интересите на партиски членови за привилегии при добивање вработувања, функции и бизниси. Некому “лепче” во вид на вработување, некому функција според партиски критериуми. Веројатно клучниот проблем лежи токму тука, што интересите на партиските членови и интересите на граѓаните кои сакаа промени се во директен антагонизам. Партиските членови по навика очекуваа и очекуваат привилегии кои претходно им биле достапни на контра-таборот од ДПМНЕ. Непартиското граѓанство пак сака функционална држава со еднакви можности за сите. Тука всушност лежи “фабричката грешка” на партиски скроената држава.
Во тој дел, Заев не покажа многу голема разлика со претходникот. На пример најголем дел од министрите се поставени без нивните компетенции да се искомуницираат со поширокото граѓанство кое треба да се увери во нивниот капацитет. Наместо тоа, беа поставени кадри поради резултат што го прокнижиле во партијата, а без јасни компетенци во ресорот кој им е доверен на управување во интерес на граѓаните.
РЕФОРМИРАЊЕ НА СВЕСТА
Реформирањето на свеста дека партиите не треба да се доживуваат како агенции за вработување туку организации кои ќе се залагаат за одредени вредности преточени во политики е еден од клучните чекори во обезбедување дисконтинуитет во градењето партиска држава. Дека директор на институција не се поставува затоа што бил доушник и верен член додека СДСМ бил во опозиција, туку човек со стручност и визија за унапредување на институцијата според интересот на сите граѓани. Делувањето на Заев да ги артикулира во кадровска смисла интересите на членовите на неговата партија, популарно наречени другарчиња, ја оддалечува Македонија од целта вистинските луѓе да дојдат на вистински места и со знаење да ги поместат работите кон друштвото земји кон кои се стремиме.
И кога граѓаните едвај го проголтаа пазарењето со правдата за повисоки цели, коалицирањето со ДУИ (континуитет на груевизмот) како нужно зло, дојдовме до сегашниот момент, сред афера која го потокопува и авторитетот на сегашната власт која требаше да покаже дисконтинуитет во однос на криминалното владеење на претходните.
Во справувањето со ситуацијата, сегашната власт засега не покажува зрелост ниту слух за очекувањата за правда и функционална држава. Ситуацијата ја смирува со партиски оркрестрирани “позитивни вести” или веќе виденото детско лутење искажано во прашањето “сакате ли вмро да се врати”?
Ситуацијата на една година пред избори е таква што групата која остана со изневерени очекувања, а која е моќен гласачки фактор е сосема немотивирана да гласа, додека групата која имаше огромна полза од системот на мафио-клиентелизам и партиски заробена држава сега е многу мотивирана да гласа за да се врати “матната вода” во која овие риби најдобро пливаат.
Оттука, најважниот предизвик во наредниот период е одговор на две клучни прашања кои ќе го дадат одговорот на прашањето дали се сите исти:
- Дали сакаме партиски екслузивна или функционална држава?
- Дали сакаме правдата или мафијата да бидат главен фактор во државата?
Со оглед на тоа што трета опција засега нема (на пазарот врие единствено од ситни партии кои се борат за власт или нејзин приклучок, а не за идеи), не е познато дали Заев ќе се обиде, ниту дали ќе успее за една година да се сврти кон интересот на поширокото граѓанство. Да покаже дали е моќта кај него и може да биде лидер или е немоќен да се справи со функцијата и одговорностите. Да покаже визија и да наметне агенда во која граѓаните ќе успеат да ја видат “големата слика” за посакувани промени во државата. Но и план како таа цел ќе се оствари. Таква визија единствено видовме во однос на Договорот од Преспа. На пример, обидот да се тампонира незадоволството со ветување за инвестициски циклус од пет милијарди евра не поминува без конкретен план како тоа ќе се оствари. Од настапите на вицепремиерот Анѓушев има прилично издржана логика, но таа за жал не е јасно искомуницирана во јавноста. И конечно тие пет идни милијарди реални или не, нема да доведат до амнезија дека нема правда.
Бидејќи се додека нема правда, нема да има ни мир.




