Попладнево (18 ч.) пред полициската станица во Битола ќе се одржи протест за поддршка на пејачот Ламбе Алабаковски, кој е осомничен за пожарот на бугарскиот културен центар „Ванчо Михаилов“ во Битола, за што вчера му беше изречен и осумдневен притвор.

По информациите во медиумите дека Алабаковски стои зад палењето на влезната врата на клубот во Битола, на социјалните мрежи се појавија лавина од реакции во знак на поддршка за естрадниот уметник. „И јас сум Ламбе“, „Ламбе за Нобел“, „Ламбе војвода“, „Ламбе херој“, „Слобода за Ламбе“ се само дел од коментарите на Фејсбук и Твитер по настанот од саботата.

Од тука и очекувањата за масовен одзив на лица од Битола, но и од сите делови на Македонија за денешниот протест пред полициската станица во Градот на конзулите.