Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски оцени денеска дека Паневропската унија целосно ги поддржува македонските стратешки цели. Во рамки на денешната меѓународна конференција „Европа меѓу вредностите и предизвиците“, Попоски истакна дека во изминатите години европската идеја е соочена со економски потешкотии и процесот на проширувањето не ја има посакуваната динамика.
– Сметаме дека со нашето однесување и нашиот придонес во унијата ќе биде да се засили меката сила на ЕУ преку почитување на меѓународно-правните рамки и преку овозможување позитивен дијалог со сите соседи кои сакаат да придонесат во оваа идеја – рече Попоски.
На новинарско прашање, Попоски одговори дека не е случајно што ЕК пет години по ред вели дека Македонија е целосно подготвена да ги почне преговорите и што Советот не може да постигне консензус поради противењето и искористувањето на позицијата на сила внатре во ЕУ од една земја членка која, како што рече, сака да наметне определено решение надвор од меѓународно-правната рамка.




