Во фокусот на разговорите на средбата помеѓу министерот за надворешни работи, Никола Попоски и европратеникот Ричард Ховит била нацрт-Резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, усвоена од Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент на 21 јануари 2014 година, известуваат од МНР.
Резултатите од финалниот текст на Резолуцијата ќе бидат презентирани во првата половина на февруари 2014 година.
Известувачот Ховит пред Попоски ги презентирал своите видувања за предлог текстот на Резолуцијата претставена на Комисијата за надворешни работи на ЕП. Притоа ја нагласил силната заложба на ЕП за неодложен почеток на преговорите за членство за Македонија, повик кој бил насочен од европратениците и кон тековното претседателство со ЕУ.
Воедно констатирал дека националната придавка е принципиелно содржана во текстот на нацрт-Резолуцијата, и заклучил дека повеќе ставови наведени во Резолуцијата, која била резултат на серија компромиси помеѓу пратениците, одразувала генерални заложби и не била насочена посебно кон никого.
Министерот Попоски му се заблагодарил на европратеникот Ховит за континуираната поддршка на ЕП за членство во ЕУ, и истакнал дека дека секој член на ЕП има одговорнст за промоција на европските принципи и дека нивното евентуално нарушување носи ризици во очите на граѓаните на Македонија.
– Видно е влијанието на претстојните европски избори врз активностите на неколку сегашни европратеници. Со нив ја споделуваме загриженоста која произлегува од статусот и амбициите на најрадикалните движења во Европа. Сето ова треба да биде наш дополнителен мотив за разумно дејствување како европски ориентирани чинители, констатира Попоски.
А според него, ако се промовираат принципи во Македонија, тогаш треба да се промовираат истите и во сите останати земји-членки и кандидати на ЕУ.
– Ние први ќе ве поддржиме да успеете, затоа што веруваме во успешен европски проект, е заклучокот на Попоски.




