Министерот за надворешни работи Никола Попоски оцени дека и овој пат Европската комисија изложила мноштво резултати, факти и аргументи за донесување на позитивна одлука за почеток на пристапни преговори со Македонија на претстојниот декемвриски Самит.
„Ние остануваме целосно посветени и фокусирани на реформите за натамошно воведување на европските стандарди во Македонското општество и на промоцијата на односи и соработка во регионот согласно европските принципи и вредности.
Односите со соседните земји членки ни се особено важни. Патот до членство во Европската унија сакаме да го изодиме заедно, во соработка со нив и активно користејќи ги нивните искуства. Затоа предлагавме и ќе продолжиме да предлагаме конкретни проекти и активности за продлабочување на взаемната соработка и доверба.
Отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Македонија може само да придонесе за унапредување на грчко-македонските односи и за надминување на разликите. Повеќе заемно почитување, соработка, доверба, партнерство и уважување. Македонија останува посветена да ги развива односите со Грција во таков дух.
Силната препорака на Европската комисија е поддржана со упатување до земјите членки да овозможат напредок на Република Македонија и почеток на преговорите за членство. После петгодишно исполнување на критериумите од македонска страна, попречувањето е сериозен предизвик за кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ. Ќе работиме заедно со сите наши европски партнери да поддржиме кредибилен европски проект за мир и просперитет во регионот“, вели шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.




