Македонија продолжува со активностите во комуникацијата со земјите-членки на ЕУ во пресрет на декемврискиот совет на Унијата, кога ќе се одлучува по препораките од страна на Европската комисија, вели министерот за надворешни работи, Никола Попоски.
Сепак, без консензус на Советот, позитивната препорака за почеток на преговорите со ЕУ, повторно ќе ја одмине земјава, а за Македонија започнувањето на преговори со Унијата е неопходно, смета тој.
„Најмногу енергија во однос на декемврискиот совет посветуваме на клучната причина за нашата блокада веќе петта година, а тоа е недостигот од поддршка од јужниот сосед да се постигне консензус во Советот, а без такво постигнување консензус не е возможна одлука за почеток на преговорите со ЕУ, нешто што е петта година препорачано од Европската комисија. Нашите активности остануваат силни и интензивни и во периодот до декемврискиот совет но и потоа, бидејќи објективно за Македонија е неопходно да ги започне преговорите со ЕУ”, изјави Попоски.
Додека состојбата со преговорите со Унијата останува статус-кво, Македонија има шанса да го потврди своето влијание и во најголемата меѓународната организација, односно при Обединетите нации каде во вторник ќе се гласа за избор на нови членки во Советот за човекови права, а Македонија е во потесниот избор на кандидати.




