Денеска поставуваме темели на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови и добро платени работни места. Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал, рече премиерот Димитар Ковачевски по повод потпишување на договор во ТИРЗ Тетово кој предвидува целосно производство на електрични автомобили „e.GO“.

Со оваа значајна инвестиција, како што рече премиерот, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО“ имаат партнер од доверба.

„Она што особено ме радува е дека за прв пат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа“, рече Ковачевски.

Тој напомена дека ваквите инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни.

„Електричниот автомобил „е-Go“ кој ќе се произведува во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации. Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е-Go“, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар“, рече Ковачевски.

Според премиерот, ваквите инвестиции се доказ дека како Влада успешно ги користат сите потребни механизми кои ги даваат очекуваните резултати овозможувајќи услови за понатамошен побрз и одржлив економски раст и развој.

„Во технолошко индустриските развојни зони, во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Јас никогаш не сум најавувал инвестиции, и оваа е инвестиција за која беше извесно дека ќе се случи. Оставивме прво да се договорат сите детали и потоа на изненадување на целата јавност, бидејќи ги гледам написите во медиумите, дознавме дека во Република Северна Македонија ќе има инвестиција којашто ќе биде од 130 милиони евра, и ќе биде на почеток со околу 900 вработени. И уште има такви инвестиции, од други инвеститори, а ние ќе оставиме тоа инвеститорите заедно со институциите да го најават и ќе се случи многу брзо“, рече Ковачевски.

Како што посочи, создавање на локалната економска вредност и напредниот технолошки развој кој оваа инвестиција го носи ќе го промени животот во локалната заедница, ќе даде силен стимул на економијата и значајна референца за државата во привлекување на странски инвестиции.

„Нашиот пристап во привлекувањето инвестиции е изменет и сега е насочен кон инвестиции и инвеститори што носат поголема додадена вредност. Таков пример е и оваа инвестиција денес, и такви примери се и ветерните паркови и соларните централи односно обновливите извори на енергија, кои дел веќе се финализирани, а дел се во фаза на подготовка односно имплементација“, додаде Ковачевски.

Тој упати честитка до семејството Дестани, и на компанијата „e.GO“ од Германија, на целиот менаџерски тим и посака што побрзо и поуспешно да ги завршат градежните работи за производство на фабриката, и првите автомобили веќе да може да ги возиме и кај нас и на странските автопатишта во предвидените рокови коишто ги имаат зададено.

На свеченоста во ТИРЗ Тетово, покрај премиерот, присуствуваа и министрите за финансии и за економија Фатмир Бесими, односно Крешник Бектеши, останатите министри и вицепремиери во Владата и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски.