Во државава, во јуни оваа година, вкупно се потрошени 521.750 мегават часови на електрична енергија, 3.139 милиони нормални кубни метри природен гас, 436.990 тони јаглен и 97.452 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика (ДЗС)

Над 70 проценти од потрошената електрична енергија е од домашно производство (71,4), а 97,1 процент од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.

Во првите седум месеци од годинава, АД ЕСМ произведе 2.194 гигават часови на електрична енергија, што е за 15 проценти повеќе од лани, а зголемувањето на производството, според  соопштението од компанијата, се должи, пред сè, на зголеменото производство во термоелектраните РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ за 40 проценти.

Владата, според најавите, денеска треба да прогласи кризна состојба во енергетиката. Претходно донесе мерки што треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто, а ќе стапат во сила од 1. следниот месец.