Студентите кои денеска прогласија автономна зона и ги окупираа сите факултети на комплексот УКИМ, предмалку апелираа до сите граѓани кои се во можност да донираат храна, ќебиња, вреќи за спиење и санитарни материјали на Филолошкиот факултет, каде тие ќе преноќат.
-Сега за сега се снаоѓаме со храна, меѓутоа со оглед на тоа што ноќта ќе ја поминеме на Универзитетот не е лошо сите граѓани кои мислат дека можат да помогнат со доставување на храна, ќебиња и санитарни материјали да повелат на филолошкиот факултет, велат за НОВА од Студентскиот пленум.
Студентите посочија дека ќе останат на Универзитетот се до исполнување на нивните барања.
Студентскиот пленум бара да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа: загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од студентскиот и професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот, бидејќи, како што велат Пленумци, Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок.




