По речиси едночасовното преземање од двата бугарски воено-транспортни авиона, почна транспортот на посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа до нивните вечни почивалишта.

Поворката тргна од Скопскиот аеродром каде последна почит на загинатите со положување венци им оддадоа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

На испраќањето присуствуваа и пратеници, како и претставници на верските заедници. Последна почит оддадоа и претседателката на Косово Вјоса Османи и претседателката на албанското Собрание Линдита Никола.

Венец положи и бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов, а по него во знак на почит се поклонија и првиот вицепремиер Артан Груби, министерот Бујар Османи, како и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

На пречекот на посмртните останки на загинатите во автобуската несреќа присуствуваа и членови на нивните семејства.

Посмртните останки претходно, од бугарските авиони ги преземаа припадници на Армијата и ги пренесоа до погребалните возила.

На загинатите почит може да им оддадат и граѓаните на плоштадот „Скендербег“ во Скопје каде се поставени венци.