Под силно полициско обезбедување на специјалните сили се сите влезови на Клиничкиот центар во Скопје каде што се пренесуваат повредените полицајци од акцијата утринава во Куманово, јавува Телма.
Блокиран е главниот влез во болницата, каде што се очекува да бидат донесени петмината ранети во акцијата што утринава околу 4 часот почна да ја спроведува полицијата во потрага по неидентификувана вооружена група која се сомничи дека стои зад нападите на караулата во Гошинце.
Запалена е и една куќа во кумановското Диво насеље, а граѓаните кои два часа слушаа пукотници се вознемирени. Сите приоди кон градот се блокирани. МВР се уште не соопштува детали за полициската акција.
Во 4.30 раноутринава во Куманово започна голема вооружена престрелка. Според се уште неофицијални информации во кумановската населба “Диво насеље” полициските сили се судриле со група од околу 70 вооружени лица. Неофицијално во престрелката има петмина ранети.
Од утрово на граѓаните не им се дозволува да ги напуштаат своите домови и да се движат во центарот на градот во чија близина е и оваа населба. Граѓаните на Куманово ни јавуваат дека слушале престрелки и хеликоптери кои кружат над градот.
Вчера, се појави информација дека се очекува пукање во Куманово, дека е уфрлена група од петнаесетина униформирани лица, која планира напади на полициски станици и на други државни институции.




