Нова опасност од поплави за регионот на Лакавица. Како резултат на интензивните врнежи во радовишко прели браната Мантово. Од општина Штип издадоа предупупредување за жителите.

„Се апелира до жителите да ги обезбедат имотите а стоката да ја однесат на повисоки локации. Доколку врнежите продолжат, можни се нови излевања и евакуација на населението од најкритичните точки“, се вели во соопштението испратено од општина Штип.

Од водостопанство „Радовишко поле“потврдуваат дека браната прелива, но во минимални количини. Регионот на Лакавица е под вода уште од првиот воден бран. Најголема штетета има на земјоделските површини, кои под вода целосно или делумно се веќе две недели. Дали ќе може нешто да се жнее ќе зависи од тоа колкава била количината и колку време водата се задржала во нивите. Големо влијание ќе има и тоа колку по повлекувањето на реките во коритата на нивите останале наноси од речен материјал.

„Штетите и последиците зависат од многу фактори, но мислам дека еден од најважните е дали и во кој степен водата го однела површинскиот, почвен слој, затоа што сведоци сме дека под водата исчезнаа цели ниви“, вели Васко Златковски, од Канцеларијата за рурален развој при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“.

Најмногу штета има кај житариците и градинарските култури. Денеска заврши и поднесувањето на барања за штета, но земјоделците не се оптимистични дека парите ќе ги добијат навреме.

„Уште чекаме да ни се исплатат парите за невремето од Јуни, кога претрпевме големи штети“, велат земјоделите од лакавичкиот регион.