Пожар избувнал во манастирот Трескавец, информираат од Центарот за управување со кризи во Прилеп.

Според последните непотврдени информации конаците се сосема изгорени, црквата која датира од 13 век е спасена.

Како што информираше портпаролот на Центарот за управување со кризи, Влатко Котески, пожарот избувнал околу 14 часот, а пријавата стигнала од монахот во Трескавец, според кој, огнената стихија е голема и со неа е зафатен голем дел од објектот.

Според пожарникарите и граѓаните тргнале пешки да помогнат во гаснењето, огнот избувнал во северозападниот дел од конакот.

Пред околу три децении огнена стихија го изгоре до темел, но манастирското богатство темелно се обнови во автентичен стил со донации од граѓаните и од прилепските фирми.

Mанастирскиот комплекс „Успение на Пресвета Богородица“ датира од 13 век, се наоѓа на десетина километри од Прилеп, но теренот е доста непристапен.