Францускиот музичар со шпанско потекло Ману Чао на својот фејсбук профил објави фотографија на која пишува „Поддршка за Студентскиот пленум – Скопје“.
Чао е прва интернационална звезда која ги поздравува Пленумците додека тие веќе го поминуваат третиот ден од прогласување на автономна зона на Филолошкиот факултет во Скопје.
Таму се студенти од филолошкиот, правниот и економскиот факултет, додека студентите од техничките факултети ја спроведуваат окупацијата на своите матични факултети.
Окупацијата на Универзитетот претставува одговор на студентите на понудата на премиерот Никола Груевски измените во Законот за високо образование да ги стави во двегодишно мирување. Студентите ја отфрлуваат ваквата понуда и бараат изготвување на целосно нов закон.
Студентскиот пленум бара да се потпише спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука која ќе опфаќа: загарантирано учество на Студентскиот пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи. Формирање на работни групи во кои членовите од Студентскиот и Професорскиот пленум ќе бидат рамномерно застапени, рокови за изработка на прв и втор Нацрт на законот.
Освен Чао, Пленумци добија поддршка и од бугарските студенти.




