Пратениците нa СДСМ денеска во 13:30 часот ќе поднесат оставки во Собранието, јавуваат медиумите повикувајќи се на извори во партијата.
Оваа одлука била донесена на состанокот меѓу пратениците и раководството на СДСМ, a меѓу пратениците имало несогласувања.
Според Изборниот законик, ако пратеник поднесе оставка, Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот од денот на одржувањето на седницата.
Тогаш пратеничкиот мандат се префрлува на наредниот кандидат од листата на истата партија или коалиција.
За тоа, ДИК треба да го извести кандидатот од листата во рок од три дена. Ако наредниот кандидат во рок од 8 дена не ја извести ДИК дека го прифаќа мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат, се додека не се исцрпи листата. Ако никој од листите на СДСМ не прифати да биде пратеник, Изборниот законик предвидува дополнителни избори.




