Една мала група ентузијасти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје организирани како „Правна клиника“ дава бесплатни правни информации на сите заинтересирани граѓани.
Студентите кои се вклучени во оваа огранизација издвојуваат дел од нивното слободно време вон наставата на Правниот факултет и ги разгледуваат барањата на граѓаните кои бараат совети како да остварат некое нивно граѓанско право.
Правната клиника со одредени паузи постои околу две децении, а е основана од професорките Гордана Силјановска Давкова и Рената Дескоска Треневска. Донатор на проектот е Фондација Отворено општество – Македонија, а вклучени ментори се Ана Павловска Данева, Неда Здравева, Александра Груевска Дракулевски, Дивна Илиќ Димовски и Александар Ристовски.
– Имаме 36 студенти учесници на Правната клиника, поделени во четири клинички оддели. Клинички оддел за ранливи потрошувачи, клинички оддел за административно правна заштита на правата, клинички оддел за социјална и здравствена заштита и клинички оддел за притворени и затворени лица – вели Марјана Станинова, која е главен координатор на Правната клиника.
Луѓето најчесто им се обраќаат за да дознаат како да остварат некое нивно социјално право, како на пример доколку станува збор за социјално загрозено лице, како може да го оствари правото на парична помош од државата. Меѓу почестите случаи се и оние граѓани кои им се обраќаат бидејќи купиле од продавница нов електронски апарат кој не функционира, а од продавницата лажно ги обвинуваат дека тие самите го оштетиле. Еден од новитетите во работата на Правната клиника е што се нуди помош на роднините на затворените лица, па и оваа категорија граѓани бара правни информации за тоа како да го осигураат почовечното издржување на затворската казна на нивните најблиски.
Професорката Неда Здравева, која е една од менторите на Правната клиника вели дека е многу задоволна од тоа како се одвива работата, бидејќи работи со студенти што се навистина заинтересирани.
– Од една страна е разбирлив нивниот интерес за стекнување на знаења и вештини што вообичаено во стандарната наставна програма не можат да ги стекнат. Но како наставник многу ми е драго кога гледам дека колегите и колешките се особено мотивирани и заинтересирани тоа што го знаат како право да го практикуваат во насока на помош на оние на кои што тие правни информации им се потребни. Тие остануваат и после часови, работат после часови, тоа што го работат овде не им влегува во оценката. Но од овде излегуваат со еден ентузијазам што не се гледа многу често. Тоа нас како наставници не мотивира да бидеме што е можно повеќе вклучени во ова – истакнува професорката Здравева.
– Првите облици на правно клиничко образование на Правниот факултет започнаа уште во 1999-2000 година, кога постоеја две клинички програми по кривично право и по граѓанско право. Во кои беа ангажирани адвокати, кои заедно со студентите решаваа случаи во судски постапки. Таа клиника траеше околу три или четири години, и во неа беа вклучени повеќе студенти и професори од факултетот. Беше финансирана од странски донатори исто како и оваа – вели професорката Здравева.
Според професорката, во изминатите две децении, концептот на правни клиники се менува.
– Во овие две децении, генерално на светско ниво концептот на правните клиники се менува. И повеќе се случуваат клиники каде што не се дава помош само во парнични предмети, туку се даваат и правни информации на лица за остварување на нивните права.
На глобално ниво, фокусот се става на ранливите категории граѓани, оние на кои што пристапот до правдата преку остварувањето на правата во различни административни постапки им е отежнат, или не знаат кои им се правата, не знаат како да ги остварат и не знаат дека им биле повредени, или кога им се повредени како да ги заштитат. Ова е концептот кој што го има оваа правна клиника за ранливи групи – вели Здравева.
– Ние во оваа клиника сме фокусирани на категориите граѓани кои што влегуваат во ранливите категории граѓани, тоа се ромите, ЛГБТИ заедницата, сексуалните работници, лицата кои што се притворени и затворени и членовите на нивните семејства, и ранливите категории на потрошувачи, било заради нивната возраст или економската состојба во која се наоѓаат – вели Здравева.
Меѓу случаите кои учесниците на Правната клиника ги издвојуваат е случајот кога граѓанин се обратил од нив за информацијата на кој начин може да се здобие со редовна парична помош од државните институции и со здравствено осигурување.
Човекот имал 68 години и не остварувал никакви приходи, а немал ни доволно години работен стаж за да може да добие пензија. Тој поседувал имот, но не постоела можност да остварува приход од тој имот.
Учесниците на Правната клиника му помогнале на тој начин што ги обезбедиле потребните обрасци за тој да може да добие здравствено осигурување.
Студентите велат дека луѓето се многу претпазливи кога станува збор за нивните човекови права. Наведуваат дека постои анегдота меѓу адвокатите дека клиентите од случаите кога нивно човеково право е нарушено, инсистираат средбите со адвокатите да бидат во попладневните часови, бидејќи имаат перцепција дека тогаш приватноста е позагарантирана. Тие велат дека токму поради таа причина Правната клиника која е сместена на „Јустинијан Први“ има одделен влез, за граѓаните да не мора да влегуваат од главната врата на факултетскиот објект.
Студентите како дел од активностите на Правната клиника го посетиле и затворот во Идризово.
– Во затворот имавме можност со затворската полиција, за начинот на кој што ја издржуваат затворската казна. Се запознавме со конкретни примери кои што се однесуваат на добивање на храна, правото на телефонирање, на праќање пратки, функционирањето на затворската кантина, односно продавница од која што затворениците купуваат намирници.
Онаа генерална слика која што ќе ја забележите во затворот, од условите во кои ја издржуваат казната затвор. Има многу ситуации секојдневни во затворите, проблем со справувањето со некоја повреда, постои проблем со спроведување до Клиничкиот центар во Скопје, едноставно тие таму немаат возила. Мислам дека треба повеќе да се работи и со затворениците, и со притворените лица и со нивните семејства за да се запознаат за тоа кои се нивните права. Голем дел од нив таму не знаат дека можат да напишат молба или барање до управата за заштита на некое нивно право. Не се запознаени со основните права кои што се однесуваат на таа установа каде ја издржуваат казната затвор – вели Иван Коцев, еден од студентите вклучени во работата на Правната клиника.







