На денешната седница Собранието го повлече од дневен ред предлог-законот за заштита на сведоци.
Како што изјави за НОВА, предлагачот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, тој смета дека овој предлог на закон треба да биде разгледуван во редовна постапка поради сензитивноста на материјата, а не во скратена постапка како што стоеше во денешниот дневен ред.
„Поради сензитивноста на материјата која се регулира со Законот за заштита на сведоци, како и потребата од дополнителни консултации, пратенички групи и пратеници, предложија, Предлог законот за изменување на Законот за заштита на сведоци, наместо по скратена постапка да се донесе во редовна постапка.
Од тие причини Предлог законот е повлечен и истиот ќе се донесе во редовна постапка.
Пратеничките групи и пратениците, доколку имаат одредени забелешки, сугестии или конкретни предлози на Предлог законот за изменување на Законот за заштита на сведоци, можат да ги достават до предлагачот, најдоцна до 27.11.2013 година“, соопшти пред малку Демократскиот сојуз.
Трајанов предлага, степенување на одговорноста на сите оние што ќе го откријат вистинскиот идентитет на заштитениот сведок.
Казните за службените лица, пред се за судија, јавен обвинител, припадник на полицијата и други лица кои по службена должност доаѓаат до информации за заштитениот сведок, како и оние кои се задолжени да го чуваат идентитетот и заштитуваат загрозениот сведок, остануваат исти и тие се движат од најмалку четири години до 15 години и доживотен затвор.
За други лица (се однесува за сите граѓани без разлика на нивната професија), се предлага намалување на казните, при што најниската казна се движи од три месеци до три години, додека во случај на тешки последици по сведокот тие се зголемуваат и се движат од четири, осум и над осум години затвор.
Со измените и натаму се обезбедува заштита на сведоците кои доставуваат податоци и информации битни за водење на кривична постапка за тешки кривични дела.




