Пишува Љубиша Арсиќ

Милионска сума во евра ќе се потроши за остатокот од персоналот во СЈО, административната служба, истражителите и други профили кои биле ангажирани од специјалните обвинители, доколку приликите во ова обвинителство останат во ваква ситуација. Податоците зборуваат дека во СЈО има околу сто лица кои во неизвеснот ја претпоставуваат иднината на институцијата, но пред се и својата лична. Советот на јавни обвинители малку егзибионистички ги прекомандуваше специјалните обвинители во своите матични обвинителства, иако сега државниот обвинител Љупчо Јовевски ги назначува истите обвинители од СЈО во нивните предмети, а со тоа се овозможува и продолжување на судските процеси од онаму каде што застанале наместо да се делегираат нови обвинители со ризик да се загуби време, особено ако се има предвид фактот дека предметот „Траекторија“ за кинеските автопати, против Никола Груевски, застари пред неколку дена заради тромавоста на судот, но до некаде и на СЈО. А при таа одлука за специјалните обвинители, дали во Советот на јавни обвинители одлучиле што ќе се случува со помошниот персонал во СЈО и дали кон него ќе се постапи законски? И дополнително, ако специјалните обвинители заминат од СЈО тогаш кому ќе му служат административците, полицајците, истражителите?

ЌЕ СЕ ФРЛАТ ЛИ ВО ВЕТЕР МИЛИОН ЕВРА ИЛИ ЌЕ СЕ ИСКОРИСТАТ ПАМЕТНО?

Со Законот за СЈО од 2015-та, оној кој сега треба да биде наследен од новиот закон чие изгласување е неможно во ваква ситуација кога власта и опозицијата немаат постигнато договор, на специјалните обвинители им се дозволува да ангажираат помошници за поефикасно и побрзо работење, но и им се гарантира пет годишно постоење на институцијата. Имено, во членот 1 од законот стои дека важноста му е пет години. Тоа значи дека до септември 2020 година, доколку не се случи нешто поинаку, помошниот персонал мора да остане вработен и да ги користи привлегиите за плати и придонеси. Ако се направи проста математика за овие стотина лица тогаш во следните 12 месеци, а ако се има предвид и претпоставката дека просечна плата им е околу 25 до 30 илјади денари или вкупно со придонеси 45 до 50 илјади, тогаш државата ќе потроши и до 60 милиони денари. Но, тука не се само вработените, за цела година ќе мора да се плаќа наемнина на просторот, комунални услуги, систем за заштита и обезбедување и други тековни трошоци за одржување на зградата на СЈО. Со тоа сумата која може залудно да биде потрошена се искачува и над милион евра. Од друга страна пак, доколку вработените останат да примаат плата, а зградата остане под наем на СЈО уште цела година, тогаш специјалните обвинители ќе можат да ги користат просториите и ресурсите кои и до сега ги имаа, за да си овозможат напредок во процесите за кривичните досиеја.

Зошто е ова важно? Доколку специјалните обвинители, кои на хартија веќе се водат во матичните обвинителства, и физички се префрлат таму автоматски остануваат без соодветни услови за работа. На пример, предметите „Талир“ и „Талир 2“ имаат 60 до 70 класери со доказен материјал, кои сега се соодветно заштитени во просторија во која може обвинителката која ги застапува нормално да ги работи. Во основните јавни обвинителства нема доволно стручен кадар, нема просторни услови, обвинителите се натрупани со предмети, а сето тоа би им ги врзало рацете на специјалните обвинители, особено сега откако нивниот претпоставен Јовевски ги врати во игра со застапување на обвиненијата пред судот. Ова ја отвора дилемата дали големите предмети како „Талир“ или „Титаник“ ќе имаат воопшто каде да се чуваат во обвинителствата во кои се вратија обвинителите?

Затоа, кога веќе Законот за СЈО од 2015-та налага постоење на СЈО до 2020-та, тогаш една опција е ресурсите, како кадровските и просторните, да се искористат во полза на обвинителите, кои иако веќе го немаат статусот на специјални, сепак да можат да дејствуваат од таму. Ова практично и се случува деновиве затоа што обвинителите како Ленче Ристовска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски веќе продолжија со застапување на специјалните обвиненија пред судот и логично е да работат и понатаму во зградата каде што им се предметите.

ЗАКОНИТЕ СЕ НА СТРАНАТА НА ВРАБОТЕНИТЕ

Во Законот за СЈО од 2015-та во врска со можноста за укинување на СЈО е наведено дека „По укинување на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања“. Дали ова е испочитувано од страна на Советот на јавни обвинители во делот на „споредливи лични примања“ при прекомандата на обвинителите? Дали членот од законот ќе си испочитува до крај, односно дали административците и истражителите ќе се упатат на работа во јавните обвинителства? Може да се каже дека за сега во прилог им оди само фактот дека обвинителствата низ државата имаат недостаток од кадар, за другото поврзано со нивната иднина ќе мора да почекаат.

Ако пак се следи новиот предлог закон за СЈО овие претходни одредби дури и се конкретизираат – „Во случај на укинување на Специјалното јавно обвинителство, Специјалниот јавен обвинител и јавните обвинители во Специјалното јавно обвинителство Советот на јавните обвинители ги распоредува така што Специјалниот јавен обвинител го распоредува како јавен обвинител во Јавно обвинителство на Република Македонија, а јавните обвинители во Специјалното јавно обвинителство ги распоредува како јавни обвинители во Вишите јавни обвинителства. Вработените во Специјалното јавно обвинителство се упатуваат на работа во јавни обвинителства на работни места според стекнатите звања“. Значи, на специјалните обвинители во оваа ситуација им е оневозможено да се распоредат во Вишото јавно обвинителство, што е позначајно во хиерархијата и во платите, додека за помошниот кадар се наведува сличното – дека според стекнатите знаења ќе се вработат во обвинителствата. Сепак, која и опција да се избере државата ќе мора да одвои пари, пред се во буџетот за следната година.

ИСПЛИВА ХЕНДИКЕПОТ ШТО НЕ СЕ ФОРМИРАШЕ СПЕЦИЈАЛЕН СУД

Очекувањата се дека во следната година поголем број од предметите на СЈО ќе имаат завршница во првостепен суд. За поголемите во следните две години. Со оглед дека обвиненијата се активни, сега на потег е судот, колку брзо ќе може да закажува рочишта и колку рочиштата ќе бидат искористени, за да не се повтори некој случај како со Груевски во „Траекторија“, иако поголем дел од предметите сепак не застаруваат уште долги години. Или да се избегат ситуации како денешната кога „Талир 2“ беше одложено затоа што предметот сега има нов број, а адвокатот на Груевски нема полномошно според новиот број.

Сега дури како хендикеп се појавува тоа што не се формираше специјален оддел во судот за предметите на СЈО, па нивните предмети одат како во редовна постапка, со по едно рочиште во месецот, наместо по две во неделата, како што би било правилно. Како пречка за брзо одлучување во судот се појавува и тоа што судиите имаат голем број предмети и секогаш сакаат да ги водат сите наеднаш, па и да ги завршуваат, особено помалите, затоа што секоја година на крајот им се прави оценување на успешноста, па тие во трката по подобри оценки не посветуваат особено внимание на важните предмети на СЈО. Исто така во процесите на СЈО потребни се по двајца судии, а потоа и да се внимава тие да не се повторуваат во предметите, а подгреано со недостаток на судии, само лошо влијае на брзината или спороста на процесите.