Пораките кои политички Берлин ги испрати до македонските парламентарци кои два дена како гости на фондацијата Конрад Аденауер престојуваа во Берлин се јасни.
Прво, Германија ќе ја продолжи поддршката Република Македонија што поскоро да ги отпочне преговорите за членство со ЕУ. И второ, јасно е детектирано дека евроспетицизмот, прашањата за емигрантите и европската криза не се сојузници на процесот на проширувањето, јавува Дојче Веле на македонски јазик.
Овој блок теми доминирал и во разговорите со пратениците на ЦДУ-ЦСУ од Бундестагот Петер Вајс (претседател на групата за Југоисточна Европа), со Торстен Фрај и Јохан Вадефул (и обајцата членови на Комисијата за надворешни работи).
Со оглед што секогаш во минатото парламентарците од Бундестагот ја поддржувале Македонија, а високата политика и владата биле тие кои покажувале воздржаност, Дојче Веле го праша Петер Вајс: како може Македонија конкретно да ја почувствува германската поддршка кога е во прашање доближувањето до ЕУ и блокадата на Грција?
„Разговаравме за идејата пристапните преговори да започнат на еден неформален начин, без претходно решение за спорот со името, за која цел во наредните месеци уште еднаш ќе треба да се сретнеме и да разговараме. Јас можам да си претстават почеток на една ваква иницијатива од страна на германските парламентарци. Ова, меѓутоа мора да биде поддржано и од сите други во Европска унија. Замисливо е и ќе биде потребно многу работи претходно да се договорат“, подвлекува Вајс, кој е начисто дека ова би бил „невообичаен пат“.
Тоа, меѓутоа не значи дека парламентарците би биле „слободни стрелци“ туку дека претставниците кои се задолжени за регионот, најпрво неформално во фракциите ќе разговараат за конкретните иницијативи, по што ќе имаат прилика за ова да дискутираат и со министерот и одговорните од сојузното МНР.




